Бугарија
Народното собрание на Бугарија го отфрли ветото на претседателот Румен Радев за набавка на борбени авиони „Ф-16“ за военото воздухопловство.
За отфрлање на ветото гласаа 128 пратеници, додека 73 беа против. За потврда за купување на авионите беа доволни 121 глас.
Опозицијата не се согласуваше со условите за купопродажниот договор, сметајќи ги за непрофитабилни за Бугарија. Беше нагласено дека не постои гаранција дека договорите ќе бидат испочитувани навреме и во рамките на проектираниот буџет, како и дека не постојат механизми за меѓународна арбитража, туку само можност за тужба во САД.
Според владејачките партии, договорите со САД се стандардни како и за другите држави што ги купувале тие авиони, со кои, како што беше посочено, ќе бидат заштитени стратегиските интереси. Тие сметаат дека со „Ф-16“ ќе се зголеми и авторитетот на државата.
По одбивањето на ветото за набавка на авионите, претседателот е должен да ја потпише ратификацијата на договорот, кој ќе стапи во сила по објавувањето во службен весник.