Премиерот на Албанија, Еди Рама

Албанскиот премиер Еди Рама за француската телевизија Франс 24 изјави дека повеќе ништо не може да го изненади од Брисел.
– Мора да се каже дека пред пандемијата беше одлучено да се отворат преговорите. Потоа беше донесена одлука за одложување на конференцијата. Чекаме пред вратата на ЕУ со години и веќе ништо не ме изненадува од Брисел, бидејќи секој ден има внатрешна динамика и секој ден понекоја тешка историја – рекол тој. Рама ја поздрави „одлуката на ЕУ да ги отвори вратите за Албанците“, истовремено велејќи дека „направивме сериозна работа и со резултати што беа ценети од целиот свет“.


Приштина – Властите во Приштина испратиле известување до српскиот министер за млади и спорт, Вања Удовичиќ, за забрана за влез на територијата на Косово и Метохија, јавува РТС. Според пишувањата, вчера министерот Удовичиќ требаше да разговара со младите на Универзитетот во Приштина и да им подели стипендии, а потоа да го посети Центарот за екологија и развој на спортот во Зубин Поток. Сепак, според изјавата на директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, властите во Приштина ја забраниле неговата посета без никаква причина и образложение.

Сплит – Неколку непознати лица викендов нападнале млада двојка од Србија на плажата во Сплит, а полицијата трага по напаѓачите, соопшти полицијата од Сплит. Во изјавата пренесена од локалните медиуми, полицијата наведува дека неколку непознати лица половина час по полноќ физички нападнале 25-годишен маж и 26-годишна жена во областа на плажата Овчице. Според пријавата, полицијата излегла на терен каде што ги пронашла нападнатите државјани на Србија.

Љубљана – Словенците ќе можат да изберат со која вакцина ќе се имунизираат против ковид-19.
– Имаме доволно вакцини и веќе од понеделник ќе може да се избира вакцина – изјави словенечкиот премиер Јанез Јанша, во говорот на конгресот на неговата Словенечка демократска партија (СДС). Клучната цел е да се постигне таква стапка на вакцинација што ќе обезбеди имунитет и нормален живот не само во лето туку и во есен – рече Јанша, повикувајќи ги граѓаните да се вакцинираат во што поголем број.