Белград – Советничката за медиуми на српскиот претседател Сузана Васиљевиќ денес изјави дека преместувањето на амбасадата на Србија од Тел Авив во Ерусалим сѐ уште не е конечно. Тој потег на Србија, додаде таа, зависи од тоа како Израел ќе се однесува за прашањето за признавањето на Косово.
Васиљевиќ потсети дека претседателот на Србија Александар Вучиќ во САД во март годинава најави дека Србија во Ерусалим ќе отвори канцеларија на Стопанската комора на Србија и државна канцеларија. (РТС)

Атина – Пожарот што вчера рано избувна го уништи најголемиот грчки камп за бегалци во Морија, на островот Лезбос, во кој беа сместени 12.000 мигранти. Се претпоставува дека пожарот започнал од мигранти што одбиле да заминат во изолација откако добиле позитивен тест за ковид 19.
Прогласена е вонредна состојба на целиот остров поради стравувањата дека сега болеста може да се прошири. Стотици мигранти се обиделе да побегнат од кампот кон околните села, но биле блокирани од полициски возила и од локалните жители. (МИА)


Бисер балкански

Тактиката на Белград

– Не гледам на договорот како голем чекор, ни како сигнал за подобрување на односите или за можно признавање на Косово. Договорот содржински е многу тенок. За Косово можеби е позитивен единствено сигналот за признавање од Израел, кое е прво признавање во последно време, но ни тоа не е голем пробив. Економската соработка, секако, е позитивна, но не треба да се верува дека нужно води кон политичко приближување. Белград одолжува со признавањето, а тоа може да се прекине ако се констатира дека тактиката на одолжување не може да трае вечно. Досега ЕУ недоволно критички ја набљудуваше тактиката на Белград, верувајќи или лажејќи се дека Вучиќ порано или подоцна можеби и ќе го признае Косово – изјави Флоријан Бибер, координатор во Советодавната група за европска политика на Балканот (БиЕПАГ) и професор на Универзитетот во Грац.