Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави дека син му Данило има коронавирус и дека е сместен на Инфективната клиника во Белград. Српскиот претседател неодамна изјави дека син му Данило и ќерка му Милица волонтираат по прогласувањето на епидемијата и им носат храна и основни продукти на пензионерите. (РТС)

Атина – Забраната за движење и превентивните мерки постепено воведени од средината на март, го ставија во карантин и криминалот во Грција, со оглед на тоа дека бележи намалување од 38 отсто. За месец март 2020 година, регистрирани се 151 кражба помалку во споредба со истиот период лани, односно од 395 се намалиле на 244 (38,23 отсто) на целата територија. Во Солун, криминалот се намалил речиси двојни, односно од 54 кражби лани, 28 оваа година. Слична е ситуацијата и со кражбите на возила – се намалиле за 33,69 отсто во споредба со лани. („Макфакс“)


Бисер балкански

Сто евра – мерка без ефект!

– Трошокот од неспроведувањето на ваквите мерки би бил многу поголем од 2,5 милијарди евра. Меѓутоа, најавената исплата од 100 евра на сите полнолетни граѓани на Србија, што ќе го чини буџетот речиси 600 милиони евра, е повеќекратно лоша – ова е еден од заклучоците на Фискалниот совет на Србија. Фискалниот совет оцени дека начелно е оправдано планираното и големо задолжување на Србија, кое ќе изнесува повеќе од три милијарди евра, за намалување на негативните економски последици од пандемијата на коронавирусот, но под услов мерките да бидат економски рационални и навреме да се обезбедат средства за нивно навремено финансирање.

– Мерката за исплата по 100 евра е економски неефикасна, бидејќи не може да влијае на одржливо забрзување на домашното производство, а социјално е нефокусирана затоа што голем дел од средствата не е наменет кон материјално најзагрозените граѓани, а таа е и фискално неодговорна, поради непотребното задолжување на земјата, која се соочува со буџетски дефицит. Државата за финансирање на сите буџетски обврски во 2020 година, со новите економски мерки, ќе мора кај кредиторите да обезбеди околу 6,5 милијарди евра, што ќе биде голем предизвик – се наведува во соопштението на Фискалниот совет.