Брисел – Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија ќе разговараат за состојбата во Западен Балкан на состанок в понеделник, соопштија од ЕУ, потврдувајќи дека дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово ќе биде меѓу клучните точки во рамките на дискусијата. На состанокот ќе се разговара за подготовките за нова рунда на највисоко политичко ниво, со што ќе се обележи продолжувањето на дијалогот помеѓу Приштина и Белград. Како дел од дебатата за состојбата во регионот, според најавите на претставници на Брисел, ќе се разговара и за „геополитичкиот пристап на ЕУ кон Западен Балкан“. („Алсат“)

Софија – Лидерот на Има таков народ, Слави Трифонов, во интервју за Бугарското национално радио, изјави дека „кога-тогаш” ќе стане бугарски премиер ако неговата партија победи на предвремените избори на 11 јули. Во однос на надворешнополитичката ориентација на Бугарија – НАТО и ЕУ или Русија, Слави Трифонов рече дека членството на Бугарија во двата сојуза е правилна одлука и земјата мора да биде „лојална, конзистентна и принципиелна”. („Нетпрес“)

Атина – Грција ги отвори плажите откако пред три недели ги отвори своите граници за граѓаните на земјите од ЕУ, но и за граѓаните на Србија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и Велика Британија. Пред пет дена беа отворени терасите на рестораните и кафулињата, кои беа преполни со луѓе, што не може да се каже за плажите, бидејќи посетителите мора да следат голем број правила. Туристите прво мора да испратат СМС-порака со код ако сакаат да резервираат лежалка на некоја од плажите. („Локално“)


Бисер балкански

Словенија не е регионален фактор

– Не е реално Словенија, во текот на своето претседавање со Советот на Европската Унија, во втората половина годинава, пред ЕУ да се претстави како активен фактор во регионот на Западен Балкан. Ни Косово не нѐ гледа како фактор во регионот, па тешко можеме да се поставиме во улога на некој што ги разбира тие процеси, некој што има решение, кога со години се преправавме дека не интересира тој простор – изјави Милан Кучан, поранешен словенечки претседател, во разговор за „Дело“.
Нонпејперот за менување на границите на Балканот, Кучан го смета како амбиција на словенечката влада да понуди „свежа идеја“.
– Тоа се чини привлечна идеја, но нереална. Словенија од овој простор се оддалечуваше и дипломатски го занемаруваше и сега е тешко таа да се преставува како влијателен регионален фактор – изјави Кучан.