Подгорица – Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Црна Гора целосно го забрани ловот во Црна Гора во следните пет години. Оваа одлука доаѓа по реакциите на невладините организации кога ловци застрелале мечка во близината на Беране.
– Алармантната состојба во областа на ловството, како и широко распространетите незаконски активности кога станува збор за неловни, заштитени видови, бара итно воведување мораториум на ловот во период од најмалку пет години – се наведува во барањето испратено до ресорот предводен од Александар Стијовиќ. („Вијести“)

Атина – За уште две седмици, до 8 март 2020 година, грчката влада ја продолжи одлуката за ограничување на копнените граници и забраната за влез во Грција на државјани на трети земји. (МИА)


Бисер балкански

Сеење магла

– Премиерот и министерот за финансии, кои првиот работен ден ја задолжија државата со милијарди евра зад очите на граѓаните и тие што ги гласаа, сега сеат магла пред јавноста за штедење и решаваат социјални проблеми со продажба на два автомобила, и тоа на начин со кој ги резилат државата и функциите што моментално ја извршуваат – се наведува во соопштението на кабинетот на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, за најавата на премиерот Здравко Кривокапиќ за продажба на скапите автомобили што се во државна сопственост.
Едниот од луксузните автомобили од марката „мајбах“ го користи претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, а вториот го користеше поранешниот премиер и актуелен пратеник на ДПС, Душко Марковиќ, објави подгоричкиот весник „Вијести“.