Софија – Бугарската влада прави сѐ за да ја контролира кризата со ковид-19 и да обезбеди работа на сите здравствени установи без затворање на државата, изјави претседателот Румен Радев при посетата на Добрич. Радев изјави дека во моментов се спроведуваат сите мерки за поддршка на бизнисот и тој може да избира дали ќе работи под условите што му се дадени или ќе затвори и ќе добива финансиска поддршка. (БНР)

Тирана – Во 2020 година, 37.592 албански државјани добиле прва дозвола за престој во земја на Европската Унија, покажува статистиката објавена од Евростат. Во однос на живеалиштето, Италија беше избор број еден со 13.059, Германија со 8.308, Грција со 7.768, Франција со 1.875 и Хрватска со 1.695.
Бројот на луѓе што заминуваат и сакаат да ја напуштат Албанија е сѐ поголем. Стапката на наталитет останува ниска и е комбинирана со стареењето на населението. Најмалку 60 отсто од населението во Албанија би сакале да заминат, покажуваат анкетите. („Алсат“)

Љубљана – Во Словенија во последните 24 часа се потврдени 4.511 нови случаи на зараза со коронавирусот, што е нов рекорд од почетокот на епидемијата, по вчерашните 3.456 случаи, а според новите прогнози растот во четвртиот бран би можел да продолжи до крајот на ноември и да доведе до уште 400-500 смртни исходи.
Со 10.156 теста се потврдени 4.511 нови зарази, односно 44,4 отсто меѓу сите тестирани, објави во четвртокот словенечкото министерство за здравство. (СТА)


Бисер балкански

Откази за невакцинираните

Во Хрватска се изречени првите откази за четворица вработени во социјалните служби, кои одбиваат да се тестираат двапати неделно со што ќе докажат дека не се заразени со коронавирусот. На вработените во центарот за рехабилитација „Станчиќ“ им бил прекинат договорот за работа, затоа што не го исполниле условот за тестирање што е предвиден за здравствените работници и социјалните лица.
– Обврската да се тестирам двапати неделно нема смисла, а тоа го нарушува и моето здравје – изјави Иван Ѓурѓевиќ, еден од отпуштените работници.
Кризниот штаб на Хрватска донесе одлука со која вработените во медицинските и социјалните служби се обврзани да донесат потврда за вакцинација или дека ја прележале оваа болест. За другите што не сакаат да се вакцинираат се воведува задолжително неделно тестирање.