– Вистината е дека тие немаат идеја како да се реши прашањето за Косово. Не можат ова прашање да го решат воениот злосторник Хашим Тачи и воениот подбуцнувач Александар Вучиќ. Првиот услов е преговарачите да се сменат – изјави Валентина Рековиќ, претставничка на движењето „Еден од пет милиони“, во дебатната емисија „Збор на збор“ на РТС.
Раковиќ во телевизискиот настап, кој е во рамките на предизборната кампања во Србија, изјави дека власта во Србија се фаќа за прашањето за Косово секогаш кога сака да ги скрие сопствените афери
Тирана – Американскиот државен секретар Мајк Помпео го поздрави постигнатиот договор меѓу политичките партии во Албанија за изборната реформа.
– Го поздравувам меѓупартискиот договор во врска со изборните реформи во Албанија, кој ќе ја консолидира нејзината демократија и дополнително ќе ја зајакне европската иднина на Албанија. Ги охрабруваме сите засегнати страни да го официјализираат овој политички договор – изјавил Помпео. (АТА).
Сараево – Институтот за здравје и безбедност на храната на Босна и Херцеговина потврди дека во земјата првпат по шест години е регистрирана појава на беснило, болест што е смртоносна и за луѓето и за животните. Едно ловечко куче било заразено со беснило, а било пронајдено на територијата на Сребреница во источна Босна. („Аваз“)
Загреб – Хрватска се задолжи на меѓународниот пазар на капитал со две милијарди евра, колку што е вредна успешно реализираната еврообврзница со каматна стапка од 1,5 отсто и рок на достасување во 2031 година. („Пословни“)