Тирана – Пратеникот од Македонската алијанса за европска интеграција во албанскиот парламент, Васил Стерјовски, кој е прв пратеник што јавно се декларира како Македонец, вчера првпат се обрати на македонски јазик од собраниската говорница во албанскиот законодавен дом.
– Почитуван претседател на Собранието, почитувани пратеници, ја имав честа во сто и првата годишнина од Собранието на Република Албанија да бидам првиот пратеник што се декларира за Македонец. Јавностa преку парламентарната говорница слушна за Македонците во Преспа, Гора, Голо Брдо и Врбник – рече тој.

Тој изјави дека достојно ги претставувал Македонците во Албанија, како и сите граѓани од округот на Корча.

Софија – Министерството за внатрешни работи на Бугарија и Обвинителството на градот Софија спроведоа операција против печатење фалсификувани долари и евра во главниот град. Тоа го објави главниот обвинител Иван Гешев на својот официјален профил на Твитер. Запленети се четири милиони долари и 3,6 милиони евра, отпечатени на територија на високообразовна институција.(„Република“)


Бисер балкански

Корупцијата е во системот

– Во потрагата за темелните причини за корупцијата во Хрватска, во фокусот на ова истражување не беа обичните луѓе и нивната ситна коруптивна практика. Во фокусот беа институциите, невидливите облици на влијание во нив, создавањето невидлив облик на моќ, кои не се неодвоиви од корупцијата и кои се разорни за системот. Во истражувањето спроведовме низа длабински разговори со стручњаците од системот – политичари од законодавната и извршната власт, активни и поранешни членови на правосудната власт, претставниците н цивилното општество што примарно се занимаваат со борбата против корупцијата и со новинарите, кои многу години ја истражуваат корупцијата за да ги пронајдеме темелните причини за корупцијата во Хрватска. Одговорот до кој дојдовме е дека причина за корупцијата се институциите – вели Дарио Чепо, доцент на Катедрата за социологија на загрепскиот правен факултет, за истражувањето именувано „Систем, а не поединци – Институциите како мотор на коруптивната практика во Хрватска“, во кое испитаниците наведоа три клучни извори на корупцијата – историски, културолошки и институционални.