Љубљана – Словенечкиот парламент го прифати седмиот пакет на економски антиковид-мерки, во кој се предвидуваат помош и субвенции за граѓаните и стопанството во вкупен износ од 320 милиони евра. Корисници може да бидат сите работодавци што бележат пад на приходите за повеќе од 20 отсто како последица на кризата што ја предизвика пандемијата на ковид-19. („Јутарњи лист“)

Атина – Во последните две седмици од јануари сообраќајот во Атина бил на исто ниво како и лани за истиот период, иако оваа година во сила се посебни рестриктивни мерки, покажуваат податоците од Центарот за управување со сообраќај на периферијата Атика. Врз основа на податоците од 1.000 мерни точки на главните патишта и булевари во областа Атика, во последната седмица од јануари, односно во периодот кога се отворија продавниците, сообраќајот бил за 0,5 отсто поголем од лани, додека пак меѓу четвртата и третата седмица има зголемување на сообраќајот за 0,3 проценти. („Независен“)

Сараево – Шестмина цариници се уапсени вчера од полицијата во Босна и Херцеговина под сомнение за примање мито, а сите биле одговорни за спречување царинска измама, потврди Обвинителството на БиХ. Полицијата изврши рација во објектите каде што се наоѓа регионалната канцеларија на Управата за индиректно оданочување (ИТА) во Тузла.
„Осомничените примале подароци или други форми на бенефиции за да не преземат официјални активности за откривање нелегален увоз на стока на територијата на БиХ“, се наведува во образложението на Обвинителството на БиХ. („Ослобоџење“)


Бисер балкански

Демократијата не е мртва

– Не знам каде е почетокот, а каде е крајот на демократијата. Идејата за демократијата не умира тукутака. Демократската партија без многу митови за стогодишниот стаж треба да се отстрани и да дојдат нови луѓе на кои демократијата им е поблиска вредност. Таа ќе се обнови. Знаете, демократијата е во криза насекаде во светот и ние не сме исклучок од тоа. Но доколку демократијата има свои пријатели таа ќе преживее, а сега дали таа има доволно искрени пријатели останува да видиме – вели Драгољуб Миќуновиќ, првиот претседател на Демократската партија, која беше обновена по Втората светска војна. Тој во разговор за „Данас“ одговара на прашањето дали демократијата се вратила на самиот почеток. Обновената Демократска партија, која прославува 31 година од основачкото собрание, е расадник на политички лидери во Србија и од неа произлегоа седумнаесет нови партии.