Сараево – Во Босна и Херцеговина во изминатото деноноќие се регистрирани 1.843 новозаразени по 4.447 тестирања, а од последици на ковид-19 починаа 60 пациенти. Во саботата имаше 1.869 новозаразени, а починаа 76 лица. Досега во БиХ од ковид-19 заболеле 107.545 луѓе и починале вкупно 3.512 лица. („Аваз“)

Софија – Властите во Софија се лути по објавениот извештај на словенечкиот меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии ИФИМЕС од Љубљана. Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека ќе го повика привремениот амбасадор на Македонија да даде објаснувања дали Владата во Скопје е поврзана со кампања спроведена преку овој институт.
– Не може да се замисли дека во 21 век, државата Бугарија, која е полноправна членка на ЕУ и НАТО, ги оспорува идентитетот и јазикот на соседниот македонски народ – искоментира словенечкиот институт, додавајќи дека бројот на етнички Македонци што живеат во Бугарија е околу 10 проценти од вкупното население на таа земја. („Алсат“)

Белград – Директорот на Националната асоцијација на туристичките агенции во Србија, Александар Сеничиќ, најави дека со грчкиот министер за туризам Харис Теохарис ќе разговара за условите за влегување на српските државјани во Грција, како и за можно сценарио доколку земјата ги затвори границите во текот на летото.
– Очекуваме да бидат прифатени сите вакцинирани, но и тестот за антитела, кој е поевтин од ПЦР-тестот. Ќе пробаме да издејствуваме граничниот премин Евзони да биде отворен – рече Сеничиќ. („Танјуг“)


Бисер балкански

Вучиќ победи со 6:0

– Десетина илјади Босанци и Херцеговци овие денови се во Србија и во Белград, тие се таму на бесплатна вакцинација, победа на Вучиќ над Додик, Комшиќ, Изетбеговиќ, Џаферовиќ, Цвијановиќ и Новалиќ. Во Сараево победи со 3:0 во гости, а сега и 6:0 дома. Ова е предавство на народот и граѓаните на БиХ, затоа што сѐ уште нема вакцини – изјави водителот и новинар Сенад Хаџифејзовиќ, кој направи посебна емисија за заминувањето на луѓето од Босна и Херцеговина на вакцинација во Белград.