Атина – Премиерот на Македонија, Зоран Заев, денеска и утре ќе оствари работна посета на Грција. Како што соопштуваат од владиниот кабинет, Заев ќе учествува на „24-та тркалезна маса со грчката влада“, во организација на угледниот магазин „Економист“, а ќе оствари средби и со премиерот Кирјакос Мицотакис и претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу. На тркалезната маса на „Економист“ годинава ќе доминираат темите за справување со пандемијата на ковид-19 и потребата од нови здравствени политики. (МИА)

Софија – Истрагата на „Шпигел“ покажува дека бугарскиот премиер Бојко Борисов му помогнал на турскиот режим да ги прогонува членовите на опозицијата. Премиерот на Бугарија ги прекрши меѓународните конвенции, пишуваат авторите на статијата, Димитар Ганев и Максимилијан Поп. Авторите коментираат дека Реџеп Таип Ердоган ја обвинил германската влада за помагање тероризам и ја квалификувал Франција како провокатор. (БГНЕС)

Подгорица – Поради објавувањето на списокот на лица на кои им е одредена мерка за самоизолација и дел од списокот на заразени со коронавирус, околу 250 оштетени лица најавија тужба против Владата и државата Црна Гора. Најмногу тужби ќе има во Подгорица, а барањата за надомест се движат од пет до десет илјади евра. („Дан“)


Бисер балкански

Вистината зад реалното шоу

– Иако сјајот на Белата куќа и самиот настан во овалната соба далеку ги надминаа сите домашни риалити емисии и целосно различните погледи на „историскиот“ момент, некако во втор план остана тоа што е и најважно и што се случуваше пред очите на целиот свет. Досегашната политика на Србија „добро утро чаршијо на сите четири страни“ односно истовремено седење на четири столчиња (Русија, Кина, ЕУ, САД) почнува да се рони, а од тоа кое столче ќе го избере Белград повеќе не зависи само судбината на Белград и на Приштина туку и на Подгорица и Сараево, кои се гледаат како нови кандидати за членство во малиот шенген, што и да значи тоа. По Белград, Тирана и Скопје сега е вклучена и Приштина – рече Горан Мишиќ, долгогодишен новинар во авторскиот текст на „Ал џезира“.