Атина – Судиите во Апелацискиот суд во Атина ги соопштија затворските казни за осудените водачи и членови на криминалната организација Златна зора. Водачот Никос Михалолијакос и уште пет други главни членови добија 13-годишен затвор. Сопругата на Михалолијакос, Елени Зарулија, ќе биде во затвор шест години. Другите поранешни пратеници имаат од пет до седум години. Јоргос Рупакијас доби доживотна казна затвор плус 10 години за убиството на рап-пејачот Павлос Фисас во 2013 година, пренесоа грчките медиуми.

Приштина – Косовскиот премиер Авдулах Хоти, по средбата со специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак, изјави дека единствениот исход што Косово го очекува од преговорите со Србија е меѓусебното признавање на двете држави. Хоти рече дека прашањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население, кое наводно било главната причина за доаѓањето на Лајчак, за Приштина е затворено со потпишувањето на договорот од 2013 година во Брисел, и покрај настојувањата на официјален Белград тоа повторно да се актуализира.


Бисер балкански

Ана Брнабиќ: Одливот на мозоци може да биде позитивна работа

Српската премиерка Ана Брнабиќ по состанокот со директорот на Канцеларијата на Американската развојна агенција во Берлин порача дека одливот на мозоци може да биде и позитивна работа. Со својата изјава српската премиерка во најмала рака ја збуни јавноста со оглед на тоа дека терминот „циркулација на мозоци“ што таа го спомна, досега не е користен. Таа изјави дека на Србија не ѝ е проблем, но и на ниту една земја, кога се зборуваа за одлив на мозоци, и за самиот одлив на мозоци.
– Тоа може да биде и добро за една земја, додека успевате тој одлив на мозоци да премине во циркулација на мозоци – рече Брнабиќ.