Атина – Во девет од 12 анализирани региони во Грција е регистрирано зголемено присуство на ковид-19 во отпадните води, зголемување што е најголемо во Солун – за 260 отсто, во Александруполи за 255 проценти и во областа Атика, поширокиот регион на Атина, за 219 отсто. Анализирани биле примероци од Атика и од Солун, Лариса, Волос, Патра, Ксанти, Александруполи, Јанина и од четири града на островот Крит, а резултатите се однесуваат на отпадните води на 100.000 жители за периодот од 12 до 18 јули, во споредба со една седмица претходно. („Независен“)

Љубљана – Европската комисија изрази загриженост во врска со некои аспекти на владеењето на правото во Словенија, која во моментов претседава со ЕУ, а опозицијата тврди дека ситуацијата во земјата под власт на премиерот Јанез Јанша е влошена.
Во Извештајот на ЕУ се истакнува доцнењето на Словенија во процесот на назначување обвинители во новоформираното Европско јавно обвинителство, мешање во работата на независните медиуми и престанок на финансирањето на словенечката новинска агенција СТА. („Дело“)

Тирана – Во Албанија од вчера е дозволено баровите и кафулињата да пуштаат музика до 23 часот, а полицискиот час се поместува и, наместо од 22 часот, ќе почнува на полноќ. Од 15 јуни ќе биде дозволено собирање на 50 луѓе на отворен простор, а носењето маски во затворен простор останува задолжителна мерка. Цените во баровите и рестораните скокнаа за 1,3 отсто во однос на мај и јуни, што е најголем пораст на цените од јануари 2017 година. („Фактор“)


Бисер балкански

Вртење во круг

– Со години се вртиме во круг и стоиме во место во овие преговори. Секоја рунда од дијалогот мора да биде подобрување на секојдневниот живот на сите луѓе и нации на Косово. За жал, ни српската ни косовската страна немаат таква желба или цел. Двете страни го користат дијалогот за позиционирање во јавноста. Од друга страна, и меѓународната заедница изгледа немоќна и е без креативни идеи како да се поместат работите од мртва точка. Новата американска администрација сѐ уште не зазела јасен став. Сега се чека исходот на германските избори, па француските, па изборите во Србија и ќе помине уште една година – вели Натан Албахари, меѓународен секретар и член на претседателството на Движењето на слободни граѓани, кој за „Данас“ го коментираше новиот безуспешен состанок од дијалогот меѓу Белград и Приштина.