Загреб – Прва жртва на коронавирусот во Хрватска е истарскиот угостител Антон Керњус, кој починал завчера во самоизолација во Истра, бидејќи бил позитивен на коронавирус, потврди директорот на Хрватскиот завод за јавно здравство. Семејството на починатото лице тврди дека здравствените власти не реагирале навреме и постојано ја одложувале интервенцијата. („Индекс’)

Софија – Бугарија ја регистрира третата жртва на новиот коронавирус, ковид-19. Вкупниот број случаи се искачи на 94, од кои двајца македонски државјани што се заразиле во Банско, а биле дијагностицирани во Македонија, соопшти генерал Венцислав Мутафчиски, началникот на бугарскиот Национален кризен штаб за борба со коронавирусот.
Банско во моментов е во целосна блокада и не се дозволува ниту влез ниту излез. Вирусот во овој зимски центар беше донесен од еден Англичанец.

Атина – Полицијата на грчката граница со Турција употреби солзавец и водени топови во средата вечер за да одврати стотици мигранти од турската страна, кои се обиделе да ја срушат граничната ограда и да влезат во Грција. Судирите се случиле во близината на граничниот премин Кастаниес. („Бета“)


Бисер балкански

Три месеци со короната!

– На подрачјето на Западен Балкан коронавирусот ќе исчезне за три месеци. Од појавата на вирусот во Хрватска, БиХ и другите земји, може да се направи процена врз основа на програмата за предвидувања на појавата и ширењето. Сега е на почетокот на раст и ќе треба најверојатно две-три, дури и четири седмици вирусот да се прошири во максимална бројка. Потоа ќе треба еден-два месеца, максимално три месеци, да падне бројот на заразени во популацијата. Само со правилни мерки тоа нема да трае три месеци, а може да биде еден или два месеца. Прашање е кога ќе се појави во некоја земја. Ако се појави и во мај, циклусот на траење е сличен како и во март. Врвот може да биде достигнат за месец или два, а потоа почнува пад на заразата – изјави хрватскиот научник Иван Дикиќ, еден од највлијателните молекуларни биолози во Европа, во разговор за „Аваз“.