СРБИЈА

Во белградското предградие „Батајница“ е отворена новоизградена ковид-болница со 930 легла, во девет одделенија и 250 места на интензивна нега.
Премиерката Ана Брнабиќ оцени дека новата болница започнува со работа „во најтешкиот момент“, кога со денови се регистрираат голем број новозаболени лица, а на ковид-одделенијата секој ден пристигнуваат речиси 800 пациенти.
Српскиот министер за здравство, Златибор Лончар, објави дека најмалку 1.500 лекари, медицински сестри и техничари ќе работат во новата болница, но дека „1.600 се потребни за полн капацитет“.
Србија добива нови болнички капацитети во време кога членовите на Кризниот штаб и независни експерти ја проценуваат епидемиолошката состојба како „катастрофална“, со оглед на тоа што во последните неколку дена бројот на нови пациенти и пациенти во болницата е речиси изедначен. Српската влада донесе нови, построги епидемиолошки мерки, пренесе „Макфакс“.