ГРЦИЈА

Непознати лица со бои и летоци ја нападнаа грчката телевизија Акција 24 и испишаа слогани пред политичката канцеларија на министерката за образование на Грција, Ники Керамеос, во знак на поддршка и солидарност за осудениот терорист од организација „17 ноември“, Димитрис Куфодинас, кој веќе 47 дена штрајкува со глад. На влезот од телевизијата прексиноќа биле фрлени црна боја и едно шише, кое веројатно бил молотов коктел што не експлодирал, но и летоци на кои се испишани пораки за солидарност со Куфодинас.
Пред политичката канцеларија на министерката за образование на Грција, Ники Керамеос, непознатите лица испишале слогани, како за Куфодинас така и против Законот за високо образование што веќе е изгласан од парламентот.
– Ова е вторпат за неколку дена канцеларијата на министерката да биде цел. Треба да знаат дека Владата ниту се плаши, ниту се уценува. Ги брани демократијата и владеење на правото – вели Христос Тарандилис, портпаролот на грчката влада.
Димитрис Куфодинас, еден од лидерите на терористичката организација „17 Ноември“, кој е осуден на 11 доживотни казни, на 8 јануари почна штрајк со глад и бара да биде префрлен во затворот „Коридалос“ во Атина. Тој од завчера одбил да прима и течности.