Необврзувачките анонимни документи какви што се нонпејперите, кои се појавуваат деновиве, никогаш не се случајни, исто како и времето на нивното објавување, оцени српскиот аналитичар за надворешна политика Бошко Јакшиќ во емисијата „Меѓу нас“, откако неодамна се појавија два наводни нонпејпери со кои се предлага промена на границите на Балканот. Првиот се однесуваше на поделбата на Босна и Херцеговина, а вториот на решавањето на косовскиот спор.
– Новиот нонпејпер е со стеснето поле на дејство и се ограничува само на Србија и на Косово, и ние не сме во состојба да ги идентификуваме неговите автори. Во ситуација кога преговорите се потполно блокирани како што е случај во српско-косовскиот дијалог, дипломатите се одлучуваат да одат преку тајни канали и преговорите да се вршат без знаење на јавноста, што е случај со израелско-палестинските преговори, или во недостиг на други иницијативи се лансираат овие нонпејпери – објаснува Јакшиќ.
Тој додаде дека воспоставувањето на цврстата автономија на Србите на северот на Косово, како и гаранцијата за положбата на Српската православна црква, кои се спомнуваат во наводниот нонпејпер, се посилни од предвиденото во спогодбата за Заедницата на српски општини, како и оти му делуваат остварливо.
Германското министерство за надворешни работи соопшти дека нонпејперот во кој се предлага можно решение за косовскиот спор не потекнува од Германија, откако приштинскиот весник „Коха“ го претстави неофицијалниот документ како германско француска иницијатива за продолжување на дијалогот помеѓу Србија и Косово.
Претходно и германската и француската амбасада на Косово го негираа документот. А високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, пред неколку дена исто така истакна дека не видел нонпејпер и оти таквиот документ за него воопшто не е тема на разговор.