Името на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган можеби не е на гласачкото ливче на локалните избори кои ќе се одржат овој викенд, но тој ја спроведува една од најинтензивните камањи во последните години, откако рецесијата предизвика незадоволство кај многу граѓани во земјата, пишува магазинот „Политико“.
Влогот е контрола на околу 80 општини. Во овие општини се наоѓаат двата најголеми градови во земјата, каде што конзервативното движење на Ердоган се држеше на власт повеќе од четвртина век, но сега се соочува со сериозни предизвици од изненадувачки сплотената опозиција.
– Ердоган цврсто верува во целосно одржување на власта по неговата победа на изборите минатата година, но тој сепак ги гледа локалните избори за градоначалници и градски совети како референдум за неговиот авторитарен стил на владеење – анализираат од „Политико“.
Тој го опиша гласањето в недела како тест за егзистенција на неговата држава, велејќи им на Турците дека само неговото силно владеење може да ги заштити од хаосот кој демне во нивна близина.
– Настаните во нашиот регион покажуваат дека ова не се само избори за локалната администрација. Овие избори се претворија во прашање за опстанок на нашата земја – рече тој на еден партиски митинг минатиот месец.
Но, стравувањата за државната безбедност оставаат трага и во економијата. Турската лира доживеа крах минатата година, поради што економијата во земјата влезе во рецесија. Инфлацијата многу брзо се качи на 20 отсто и милиони луѓе останаа без работа.
Ердоган, како што констатираат од „Политико“, ги обвинува странските сили во мешање и создавање проблеми на државата, но тој цврсто ја држи економијата, дел од неговата широка консолидација на моќ откако се соочи со државен удар во 2016 година.
Рецесијата стана главен и клучен проблем за кој се говори пред локалните избори. Во една анкета, 65 отсто од испитаниците го посочија падот на економијата како нивна главна грижа и повеќе од половината потенцирале дека токму оваа причина ќе влијае врз исходот од изборите.
Ердоган сè уште е најпопуларниот политичар во Турција, привлекувајќи околку 1,6 милиони луѓе на митингот во Истанбул минатиот викенд. Сепак, анкетите покажуваат дека неговите интензивни кампањи и големи митинзи нема да и донесат победа на неговата партија во градовите како што Анкара, Бурса или Адана.
Од друга страна, опозицијата во Турција, која во минатото честопати не се согласуваше за многу прашања, сега формираше алијанса за да ја обедини левицата, националистите, Курдите и незадоволните гласачи на партијата на Ердоган.
Опозиционерот Екрем Имамоглу, кој е кандидат за градоначалник на Истанбул, за медиумите, на шега, изјави дека неговиот ривал не е кандитатот за градоначалник Бинали Јилдирим, туку самиот Ердоган, чиј лик е на плакатите низ целиот град.
Имамоглу верува дека преземањето на упориштето на Ердоган (Истанбул) ќе покаже дека неговата партија би можела да биде победена на следните избори, пред 2023 година.
– Овие избори се за локалните проблеми и воопшто не се прашање во однос на опстанокот на Турција – рече за медиумите 49-годишниот Имамоглу.