Бугарија
Привремениот премиер на Бугарија, Стефан Јанев, по завршувањето на конститутивната седница на новиот парламент, изјави дека се надева дека во најскоро време ќе се формира функционална влада. Според Јанев, најавената потреба од правосудна реформа е нешто што сите Бугари во моментов го очекуваат. Тој не ја исклучи можноста некои од министрите од привремената влада да бидат дел од новата влада на Бугарија.
Ќе има преговори меѓу партиите на промените, што го имаат правото и одговорноста да формираат влада, за БНТ искоментира Маја Манолова, лидерката на Исправи се БГ. Ние доаѓаме.
Манолова инсистира овие разговори да бидат јавни, пред бугарските граѓани. Таа коментираше дека нема да се водат разговори со Движењето за права и слободи и со ГЕРБ. Манолова објасни дека ја сфатиле волјата на бугарскиот електорат, дека народот сака протестните партии да се обединат и да формираат чесна влада, што ќе спроведе длабоки реформи и ќе ја изнесе Бугарија од стагнација и владеењето на Борисов.