За неколку години нуклеарната централа „Козлодуј“ во Бугарија може да се соочи со сериозен проблем за обезбедување квалитетен кадар. До 2025 година пред пензионирање ќе бидат повеќе од 780 специјалисти, што е 22 отсто од вкупниот број на вработените во централата.
Станува збор за работници што се директно вклучени во работењето и поправката на двата нуклерани блока, а кои имаат раководни позиции и имаат долгогодишно искуство во управување, административно и оперативно раководење. Овој проблем јавно го посочи пратеникот на ГЕРБ, Красен Крастев, кој ја праша министерката за енергетика Теменушка Петкова за планот за пополнување на дефицитарните кадри во оваа бугарска атомска централа.
Проблемот е во тоа што тешко се наоѓаат специјалисти за нуклеарки, а нивната доквалификација за работа во двата нуклеарни блока во Козлодуј, се одвива бавно. Поради тоа, треба да се преземат итни мерки за решавање на ова прашање, пишува „Капитал“.
Досега во нуклеарната централа немало проблем со недостиг од квалификувани кадри, бидејќи во најголем дел регрутирањето и квалификацијата на персоналот се случило пред 35 години, а со текот на годините „кадровското истекување“ било незначително и немало проблем за нивната безбедност.
Состојбата сега е поинаква, бидејќи процесот за пензионирање на најголемиот дел од персоналот започна во 2015 година и е предвидено да се засили во наредните пет години.
Министерката за енергетика Теменушка Петкова коментира дека од минатото лето централата објавила конкурс за постојан прием на работници за 31 специјалност. Стипендии, исто така, се обезбедени за студентите со обврска да работат во фабриката по завршувањето на високото образование. Централа има програма и за стажирање. Но прашање е дали тоа ќе биде доволно за да ги замени работниците што заминуваат во пензија. Исто така, не постои стратегија за тоа како да се обезбеди персонал за идната нуклеарна централа „Белене“, доколку се почне со нејзина изградба. Се проценува дека ќе бидат потребни најмалку 5.000 специјалисти за нејзино безбедно работење.