Видеоснимката на која е прикажано како полицајци удираат приведени лица за време на антикорупциските протести од минатата година се покажува како голем тест за Бугарија, во поглед на спроведувањето на истрага за полициското насилство, пренесува „Политико“.
Бугарските пратеници го осудија полициското насилство на итната парламентарна седница одржана завчера и побараа нов извештај за настаните од минатото лето кога илјадници Бугари излегоа на улични протести, барајќи оставка на тогашниот премиер Бојко Борисов. Пратениците имаа можност да ги видат снимките од безбедносна камера, на кои се забележува како полицајците ги влечат и удираат демонстрантите пред да ги внесат во полициско возило. Ваквата снимка предизвика гнев во бугарската јавност.
Министерството за внатрешни работи за време на претходната влада, како и другите претходни истраги не најдоа докази за прекумерна употреба на сила од страна на полицијата, наспроти пријавите за полициско насилство за време на протестите. Не е познато дали видеоснимката која сега излезе во јавноста била предмет на истрага.
Министерот за внатрешни работи во привремената бугарска влада, Бојко Рашков, им кажа на пратениците дека снимката била побарана од единица во софиската полиција, задолжена за внатрешни истраги. Обвинителството подоцна го затворило случајот поради недостиг на докази, како што посочи Рашков, додавајќи дека дел од полицајците на снимката не се идентификувани. Рашков смета дека досегашната истрага била површна и не ги земала предвид сите постоечки докази.
– Ова фрла сомнеж врз објективноста земајќи ја предвид строгоста на казните – кажа Рашков, во однос на писмените предупредувања кои ги добија дел од полицајците вмешани во инцидентот.
Пратениците побараа од јавниот обвинител Гешев да достави извештај за истрагата за полициско насилство за време на протестите од минатото лето. По тричасовна расправа пратениците усвоија изјава која го нарекува полициското насилство „срамен чин на нехуман и понижувачки третман“ и дадоа извинување кон жртвите на полициското насилство.