Компанијата „Адриатик пропертис“, сопственост на грчки бизнисмен, која е закупец на црногорскиот туристички бренд Свети Стефан-Милочер, минатата година ја заврши со загуба од 6,3 милиони евра. Оваа информација е содржана во финансискиот извештај, кој компанијата го достави до даночната управа на Црна Гора. Грчката фирма во претходните години работи со загуби, кои се акумулирани на ниво од 83,3 милиони евра, пишува онлајн-изданието на „Вјести“.
„Адриатик пропертис“ е сопственик на недвижности во вредност од 42,7 милиони евра, што е за еден милион евра повеќе во споредба со извештајот за 2016 година. Оваа компанија е долгогодишен закупец на градот-хотел Свети Стефан, на вилата „Милочер“, како и на хотелот „Краљичина плажа“.
Договорот за повеќегодишен закуп на најелитниот хотелски комплекс и брег на црногорското поморска регија е склучен пред единаесет години со хотелската група „Будванска ривиера“, односно со ХТП „Милочер“. Собранието на Црна Гора пред две години даде согласност за договорот со кој е продолжен закупот на хотелот „Свети Стефан“ и вилата „Милочер“ од 32 на 42 години. Закупот на хотелот „Краљичина плажа“ е продолжен од 30 на 42 години, додека земјиштето до хотелот на кое се планира изградба на депанданс со апартмани наменети за продажба е издадено на 90-годишен закуп.
Фирмата-закупец сѐ уште чека добивање градежна дозвола од Министерството за одржлив развој за изградба на нов хотелски објект и депанданс, кој се проценува на 100 милиони евра. Според планот на местото на стариот објект, треба да се изгради нов хотел со 60 хотелски соби што ќе зафаќаат четири пати поголема површина од сегашниот капацитет. Вкупната бруто-изградена површина би изнесувала 22.000 квадратни метри. Со новиот хотел на осум ката се предвидува изградба на апартмански комплекс со 66 луксузни стана наменети за богата клиентела.
Исто така, инвеститорот треба да овозможи реконструкција и доградба на пет постојни вили во паркот „Милочер“, а нивната корисна површина ќе биде зголемена за трипати. Од општината Будва се спротивставија на идејата за бетонирањето на површината што е дел на паркот и инсистираат од инвеститорот да изврши само реконструкција на објектите во постојните габарити.