Се очекува во текот на денот да заврши процесот на идентификација на телата на загинатите во катастрофалниот пожар во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Во текот на вчерашниот ден, според специјалистот за судска медицина Илиас Бојокас биле идентификувани 74-75 тела, а во поголемиот дел од случаите, телата се целосно изгорени и јагленосани.
– Некои имаат само изгореници, но повеќето се јагленосани. Телата не можеа да се препознаат. Се препознаваа само оние кои што беа пронајдени во морето – вели Бојокас и додава дека наоѓаат лични предмети, како на пример бурми и крстови, но идентификацијата се врши исклучиво преку ДНК анализи.
Бојокас вели дека ова е еден од најтешките случаи со кои што се соочуваат специјалистите по судска медицина.
Со идентификација на изгорени тела имале искуство во 2005 по авионската несреќа со кипарскиот авион„ Хелиос“, но и покрај тоа што тогаш имало 121 загинати лица, сепак тој вели дека конкретниот случај е потежок бидејќи тогаш на некој начин биле „психолошки подготвени“.
– Ова нема никаква врска со „Хелиос“, и тоа беше тешко, но некако беше очекувано, под наводници очекувано, психолошки очекувано, бидејќи знаеш дека е авионска несреќа со паднат авионот. Овде, за само неколку часа, да не речам за само 1 час се загубија толку животи и ние слушаме за мајка што ги изгубила децата и мажот, за маж што ги загубил неговите 2 ќерки и ги бара, слушаме вакви работи и разбирате дека тоа предизвикува многу силна бура од чувства – објаснува Бојокас.
Откако ќе се заврши со процесот на идентификација, се очекува специјалисти од одделот за судска медицина на атинскиот Универзитет, да соопштат податоци околу тоа колку од загинатите се деца.