Паниката што се ширеше преку медиумите не ги одмина земјите од Западен Балкан и доби интензитет по првите жртви од коронавирусот во Италија
Населението на балканскиот простор не остана имуно на паниката и стравот, кои следуваа по информациите за првите лица што се заразени од коронавирусот во Хрватска, Србија, Грција и во Македонија. Сликите со испразнети продавници и масовно купување храна и заштитни маски, кои се појавија во Италија, од каде што се прошири вирусот, се пренесоа и во сите балкански земји. Иако Светската здравствена организација сѐ уште не прогласила глобална епидемија за коронавирусот, во јавноста сѐ повеќе се говори за постоење „инфодемија“, односно ширење голем број информации, но и непроверени информации, со што се влијаеше на појавата на општа психоза кај луѓето, кои и покрај препораките на надлежните институции да бидат смирени, купуваа поголеми количества храна и медицински средства за дезинфекција и за лична хигиена.
По објавата за првите случаи на заболени лица во кинескиот град Вухан, објавувањето информации за оваа болест се ширеа со брзина на светлината, но во многубројните новинарски извештаи имаше и многу дезинформации, кои ја загрозуваа и работата на медицинските служби, во справувањето со новата форма на грип, пишува Ал џезира.
Уште од средината на јануари, преку социјалните мрежи во Кина, почна да се шири паниката кај луѓето во сите делови на светот. Овие непроверени информации беа преземани од таблоидите, порталите и од медиумите, кои во желба да добијат поголема читаност, даваа погрешна претстава за ризиците што ги носи ширењето на коронавирусот. Како причина се наведува и затвореноста на медиумскиот систем во Кина, што остави простор за ширење непроверени информации на социјалните мрежи.
Но кинеските власти, поради страв од пандемија, веднаш го затворија жариштето на вирусот во градот Вухан, што го засили ширењето непроверени вести. Ал џезира во својот текст, посветен на првата „инфодемија“ во светот, дава и примери за наводни вести, кои немаат врска со актуелната епидемија. Имено, на социјалните мрежи беше ставен пост на кој се гледаа лекари во заштитна облека, за која се тврдеше дека е од болницата во Вухан. Подоцна, многу луѓе забележеле дека на еден од кадрите е поранешниот претседател на САД Барак Обама. Снимката била од настанот во 2011 година, а се однесувала на воена вежба на САД во Јужна Кореја. Слична е ситуацијата и со снимката на која има запалени животни, наводно од кинеската полиција, за потоа да се констатира дека во прашање е снимка за отстранување животни, кои настрадале во неодамнешните пожари во Австралија.
Новинарката Слаѓана Тасиќ вели дека паниката, која е проследена со непроверени информации, се шири и преку медиумите и порталите.
– Бомбастични наслови, фотографии и прогнози, сето тоа изгледа панично и загрижувачки. Но генерално во Србија и на Балканот, луѓето опасноста од епидемија не ја сфаќаат сериозно – смета Тасиќ.
Паниката што се ширеше преку медиумите не ги одмина земјите од Западен Балкан и доби интензитет по првите жртви од коронавирусот во Италија, од каде што болеста се пренесе и во Хрватска. Ова беше сигналот за сите медиуми во регионот да ги отворат своите студија и новинарски страници за разни експерти, лекари и јавни личности, кои имале свое мислење за најновиот вирус. Во мноштвото информации и дезинформации, за граѓаните останаа незабележани тврдењата на научниците, како и на Хрватот Игор Штагљар, кој направи пресметка за ширење на вирусот, според која дури 99,3 отсто од граѓаните на Вухан го немаат вирусот. Минимизирана беше и веста за успешното заздравување на сите 16 државјани на Виетнам.
Лекарката Наташа Јорданов Митиќ советува до граѓаните да ги следат препораките и упатствата на медицинските лица, а не да се информираат преку недоверливи медиуми и преку Фејсбук.
– Секоја епидемија има одреден ризик за општествената заедница, но со ширењето паника состојбата дополнително се влошува. Пласирањето проверени информации е одличен начин за превенција во развојот на епидемијата – вели Јорданов Митиќ за Ал џезира.
Уредникот на ИТ-магазинот „ПС прес“ Дејан Ристановиќ, вели дека интернетот е совршено средство за ширење лажни информации, но дека вината за тоа ја сносат и новинарите.
– Вестите бараат внимателна проверка, но тоа е во колизија со желбата на некои новинари да објават некоја провокативна информација, па затоа и се случува некоја лажна вест брзо да се рашири, иако подоцна стигнува и демант за претходно објавеното. Луѓето веруваат во тоа што сакаат да веруваат, а како лажна вест отфрлаат нешто што не им се допаѓа да го слушнат. Не ја проверуваат веста, сакаат да ја прифатат или да отфрлат во зависност од своите ставови – нагласува Ристановиќ.
Најпопуларната социјална мрежа Фејсбук, последните денови отстрани неколку илјади страници на кои се шират дезинформации и пропагандни содржини поврзани со коронавирусот. Исто така, биле укинати и повеќе стотици страници, кои продавале „проверени“ лекови против ова заболување.