Приштина и Белград водат жестока борба околу зачленувањето на Косово во Интерпол. Додека српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ вели дека неговата држава ќа стори се за да го спречи тоа, косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај е убеден дека во текот на оваа година Косово ќе стане дел од најголемата меѓународна полициска организација, јавува дописникот на МИА од Приштина.
Една година по неуспешниот обид за зачленување, Хоџај за денешното издание на „Зери“ изјави дека земјата е цврсто решена годинава да ја постигне целта, за што, според него, Владата во Приштина веќе има обезбедено гаранции од голем број земји дека ќе го поддржат зачленувањето во Интерпол.
Од друга страна, пишува приштинскиот весник, Белград се мобилизира за да го спречи зачленувањето на Косово во оваа, како што тоа го прави и во врска со другите меѓународни организации, било спортски, културни, економски…
Министерот за внатрешни работи на Србија деновиве изјави дека можното зачленување на Косово во Интерпол би било сосема неприфатливо за неговата држава и дека Владата ќе стори се што е можно тоа да го спречи.
Следното Генерално собрание на Интерпол, на кое Косово најави дека ќе аплицира за зачленување, ќе се одржи во ноември годинава во Дубаи. На претходното, одржано минатата година во Пекинг, Приштина во последен момент се откажа од аплицирање, откако виде дека ги нема потребните гласови.