Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган му ја честита на кандидатот на опозицијата, Екрем Имамоглу победата на повторените избори за градоначалник на Истанбул. Ердоган рече дека го прифаќа изборниот резултат. Граѓаните масовно излегоа на улиците и еуфорично ја славеа победата на Екрем Имамоглу во Истанбул, град кој за прв пат по 25 години ќе го води партија која не е на власт.
Кандидатот на Ердоган, Бинали Јилдирим го призна поразот, изразувајќи надеж дека Имамоглу ќе им служи на жителите на Истанбул.
Имамоглу освои 54% од гласовите на избори, кои беа повторени откако владејачката партија АК ги оспори резултатите од изборите на 31 март, тврдејќи дека имало нерегуларности, по што државната изборна комисија го поништи гласањето. Имамоглу тогаш победи со минимална разлика од 13.000 гласови, а сега освои дури 715.000 повеќе од Јилдирим.
-Му честитам на Екрем Имамоглу кој победил на изборите според прелиминарните резултати- напиша Ердоган на Твитер.
Тој претходно кажа дека „оној кој ќе победи во Истанбул, ќе победи во цела Турција“.