Теориите на заговор особено се зголемуваат во кризни времиња, каков што е случајот и со пандемијата на ковид-19, но еден од ризиците од нив е поткопувањето на демократијата на Балканот
Граѓаните во земјите од Западен Балкан се изложени на нов бран ширење на теориите на заговор, поврзани со појавата и ширењето на коронавирусот. Од последната најпозната и најраширена „конспирација“ за ХААРП поминаа повеќе од пет години, а таа се однесуваше на големите поплави што го зафатија Балканот. Како едно од објаснувањата, кое беше дадено тогаш во медиумите за појавата на обилни дождови, со кои беше зафатена и Србија, беше постоењето на „антенски систем“ со кои се дејствува во јоносферата, што има цел да предизвика промена на атмосферските влијанија и да создаде поројни дождови. Според балканските теоретичари, зад оваа операција стоеја западните сили, кои имаат цел да ги дестабилизираат малите и непослушни држави!
На почетокот на годината со појавата на пандемијата, граѓаните од Балканот беа изложени на нови теории за начинот на појавата на коронавируот. Најголемите скептици поверуваа и во тврдењата на разни „авторитети“ дека не постои никаква опасност од зараза. Пласирањето на многу лажни информации и полуинформации беше повод раководните функционери во Светската здравствена организација да предупредат дека „троловите и теоретичарите на заговори“ ги поткопуваат нејзините напори во борбата против смртоносниот коронавирус. Генералниот директор на СЗО Тедрос Адханом Гребрејесус им рече на новинарите дека „дезинформациите уште повеќе ја отежнуваат работата на нивните херојски работници“.
Марија Ѓориќ, вонредна професорка на Факултетот за медиуми и комуникација во Белград, забележува дека, според некои непишани правила, во кризни времиња луѓето стануваат недоверливи и параноични, па, така, сосема е очекувано да се јави колективната вознемиреност во светот, вклучувајќи го и Западен Балкан.
Во овој регион развојот на настаните отвори многу можности за манипулација. Некои теории на заговор во комбинација со лажните вести предизвикуваат колективна параноја што потекнува од недовербата во постојните институции и директно се нарушува и онака слабата демократија во регионот. Пандемијата на коронавирусот во голема мера ги подгреа шпекулациите и поттикна нови „теории на заговор“ во Западен Балкан, пишува таа во авторскиот текст за БИРН.
Меѓу најраширените теории меѓу жителите од Западен Балкан се дека Бил Гејтс вештачки го создал вирусот за да профитира заедно со глобалистите и фармацевтските компании. Нивната крајна цел е да се произведе вакцина и да се чипираат луѓето. Меѓу најчестите „вистини“ е таа дека коронавирусот е предизвикан од влијанието на 5Г-мрежата.
Коронавирусот е лага што се користи да се оттргне вниманието на јавноста од вистинските политички цели, а тоа е населување на Западен Балкан со нелегални мигранти. Оваа теза можеше да се слушне и од некои балкански политичари.
Меѓу теориите за ширењето на заразата беше и онаа дека од авиони се прска населението со супстанција од непознато потекло што влијае на човечкото здравје. Не мал број луѓе поверуваа во информациите за „вештачко менување на климата“, а како доказ за тоа е снегот во Србија, кој, наводно, не можел да се стопи со пламен од запалка!
Професорката Марија Ѓориќ дава неколку објаснувања за постоењето на теории на заговор во Западен Балкан. Прво, овие објаснувања создаваат илузија на контрола, па, така, дури и најлошата вистина е подобра од неизвесност, а во Западен Балкан постојано владее неизвесност. Неизвесно е кога една држава ќе стане членка на ЕУ, кои се територијалните граници и кога и дали ќе се подобри животниот стандард. На крајот, неизвесно е дали ќе го преживееме ковид-19. Во општата клима на несигурност и вознемиреност, одговорите што ги нудат „теориите на заговор“ претставуваат сламка за спас за многу граѓани.
Второто објаснување е чувството на супериорност. Имањето одговор на вакви тешки прашања, на пример во однос на пандемијата, создава илузија на надмоќ во однос на наводниот непријател што „заговара да нè уништи“. Со посочување на виновникот се зајакнува колективниот идентитет.
За брзото ширење на разните конспирации во современото живеење на луѓето голема улога имаат дигитализацијата на комуникациите. Некои политички актери во светот и на Балканот ја искористија пандемијата како изговор за да ги контролираат информациите, кои граѓаните ги примаат како вистина, без да имаат критичко размислување за нив, пренесува „Балкан инсајт“.