Aктуелниот претседател на Република Српска и новоизбраниот српски член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик изјави дека неговиот прв потег во Сараево ќе биде назначувањето на режисерот Емир Кустурица како советник.
Во интервју за денешното издание на весникот „Вечерње новости“, тој рече и дека меѓу првите чекори ќе биде измена на Деловникот за работа на Претседателството на БиХ, но и поставување на знамето на Република Српска во зградата на Претседателството.
– Мојот основен кабинет, како српски член на Претседателството ќе биде во источно Сараево, во административниот центар на Република Српска. Таму ќе ги извршувам моите должности. Кога ќе има состаноци во Претседателството на Босна и Херцеговина, ќе видиме. Ако во Претседателството нема знаме на Република Српска, седници ќе одржуваме преку линк, рече Додик.
На прашањето дали очекува притисок од другите двајца членови на Претседателството за членство на БиХ во НАТО, Додик рече дека нема ништо од тоа, односно дека доаѓа предвид соработка преку Партнерството за мир.
Тој додаде дека има намера да им предложи на другите членови на Претседателството да побараат од ЕУ БиХ да добие кандидатски статус, без оглед на ситуацијата во земјата, бидејќи тој статус „ќе ја стабилизира ситуацијата во голема мера“.