Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се обрати по состаноците што ги имаше во Брисел во рамките на дијалогот со Приштина.
– Мислев дека е невозможно да се одржи полош состанок, но денеска се убедив дека е можно. Ги добивме предлозите на ЕУ кои беа усогласени со нашите главни преговарачи. И Србија целосно се согласи со она што го предложи ЕУ – рече Вучиќ.
Тоа, додаде тој, беа три точки – да се интензивираат заедничките напори за идентификување на исчезнатите лица, да се воздржиме од понатамошни ситуации што можат да ги зголемат тензиите на теренот и преговарачите редовно да се состануваат.
Тој наведува дека Србија целосно прифатила, без приговори, дури и некои желби на Албанците, додека Албанците не сакале да прифатат нивни предлози.
– Тие цело време условуваа со нови критериуми. Нивната презентација беше дека Србија е виновна за три геноциди во Косово – рече Вучиќ.
Тој вели дека Србија е подготвена да разговара за сè, но очигледно е дека некој не сака.
– Сè се сведува на истата работа – некој ќе ја принуди Србија да го признае Косово. Луѓето од ЕУ не веруваат во она што го слушаат. Албин Курти се врати во 19 век. Како што можете да видите, јас сум загрижен, не знам што ќе правиме – посочи Вучиќ.
Претседателот на Србија вели дека стратегијата за албанската страна е да ги направи преговорите бесмислени и на крајот да ги откаже.
– Колку и да се обидуваме да најдеме решение, не вреди – вели тој.