Брисел го губи статусот на посредник во дијалогот со Приштина и го урива сопствениот кредибилитет, соопштуваат српски владини функционери
Српските власти го одбиле новиот предлог од Брисел за продолжување на дијалогот со Приштина, оценувајќи го како скандалозен, бесрамен и уценувачки, пишуваат белградските медиуми.
Српски „Телеграф“ оценува дека Западот ја користи секоја шанса да изврши притисок врз Белград и да го натера да игра „по правилата што ги диктира Приштина“ и бара од Србија да се врати на дијалогот, без разлика што косовските власти не исполниле ниту една од своите обврски од бриселскиот договор.
– Белград го одби скандалозното барање доставено по дипломатски канали, со кое за возврат ЕУ ѝ нуди на Србија отворање на три поглавја во преговорите за членство. Го одбивме барањето, исто како што ги одбиваме сите „сугестии“ дека треба да ја прекинеме соработката со Кина или да се дистанцираме од Русија – вели извор од српската влада за белградскиот весник.
Тој наведува дека новиот предлог на Брисел бил „толку бесрамен“ што не треба ниту да се трошат зборови за него.
Поранешниот шеф на српската дипломатија Владислав Јовановиќ во изјава за српски „Телеграф“ вели дека Западот се обидува „да ѝ го стегне јажето околу вратот“ на Србија.
– Овој пат нѐ привлекуваат со тврдења дека ќе бидат отворени три нови поглавја (од преговорите), а од нас бараат многу повеќе. Тие всушност ги охрабрија Албанците да нѐ предизвикаат со царините, за да нѐ тестираат дали сме подготвени да го издржиме притисокот – вели Јовановиќ.
„Вечерње новости“ наведува дека Србија е решена да не ги прифати „уценувачките предлози“ на Брисел за продолжување на процесот на европските интеграции, дури и по цена тој да биде замрзнат на подолг временски рок.
Весникот пренесува изјава на српската министерка за ЕУ, Јадранка Јоксимовиќ, која вели дека Србија реално заслужува отворање на најмалку три нови поглавја од преговорите, оценувајќи дека понудата на Брисел и не претставува отстапка кон Белград.
– Политиката на стап и морков кон нашиот преговарачки процес во вакви околности е надмината и се надевам дека ЕУ и државите-членки ќе се однесуваат кон Србија со поголем политички такт и ќе ја сметаат за сериозен кандидат и доверлив партнер, а со тоа ќе им испратат позитивни пораки на нашите граѓани – вели Јоксимовиќ.
Српскиот вицепремиер и министер за трговија Расим Љајиќ, пак, смета дека продолжува старата матрица на Брисел да го притиска не оној што треба, туку оној што може.
– На тој начин Брисел го губи статусот на посредник во дијалогот и го руши сопствениот кредибилитет. Ваквите потези ги доведуваат во прашање целиот дијалог и процесот на нормализација на односите меѓу Србите и Албанците – наведува Љајиќ за „Вечерње новости“.