Властите во Сараево не поседуваат точни информации за тоа колку од нивните граѓани се вакцинирани од ковид-19, со тоа оваа земја од соседството е трета држава со највисока стапка на смртност по жител во светот, по Перу и Унгарија, и е можен иден епицентар на здравствената криза во регионот
Босна и Херцеговина – регионална мистерија за опфатот и динамиката на имунизациските зафати
Речиси петнаесет месеци откако СЗО прогласи пандемија и шест месеци откако некои глобални лидери воведоа програми за масовна вакцинација, босанските власти признаваат дека немаат претстава колку од нивните граѓани се вакцинирани. Земјата што политички и административно беше до колена во неволји и пред пандемијата на коронавирусот сега има трета највисока стапка на смртност по жител во светот, по Перу и Унгарија, а властите немаат обезбедено поголем број вакцини за справување со кризата. Со овие зборови повеќето регионални медиуми ги опишуваат состојбата и здравствената слика на оваа поранешна југословенска република, која периодов мака мачи со имунизацијата на своето население и според пишувањата на медиумите, може да стане епицентар на здравствената криза на Балканот. Според РСЕ, со околу 3,8 милиони жители, Босна досега има увезено нешто повеќе од 530.000 дози. Тоа, како што наведува медиумот, не е доволно ниту за целосно вакцинирање на приоритетните групи, а камоли за преостанатите граѓани. Од она што е достапно од јавните информации, официјалните лица засега можат да потврдат дека околу 180.000 луѓе ја добиле првата, а само 50.000 и втората доза.
– Само сакам да се вратам во нормален живот, а моментот кога се вакцинирав беше моментот кога го оставив коронавирусот зад мене – вели Ирфан Годињак, жител на Сараево. Годињак е еден од Босанците што патувале во Србија за да примат руска и кинеска вакцина.
– За жал, властите во Босна не направија апсолутно ништо за да им овозможат на своите граѓани да се вакцинираат против коронавирусот. Веќе подолго време немам доверба во оваа земја и нејзиниот здравствен систем – додава Годињак.
Експертите во земјата предупредуваат дека долго пред сегашната криза здравствениот систем на земјата „обезбедува само номинално покритие“ за многу Босанци. Во поново време, босанската држава нема законска моќ да преговара директно со производителите на вакцини, а пропадна и парламентарната иницијатива во мај за брза измена на законот на земјата за јавни набавки за да се овозможи побрзо купување вакцини.
Србија како спас?!
Во меѓувреме, како и многу држави во регионот, Босанците индивидуално побараа спас во соседна Србија за вакцинирање.
– Отидовме во Србија затоа што видовме дека тука оди многу бавно и не сум сигурна кога ќе дојде нашиот ред да ја примиме вакцината – вели Милица Плавшиќ, жителка на Република Српска, која патуваше со сопругот во Србија за да се вакцинира. Додека Босна во голема мера луташе, српскиот претседател Александар Вучиќ се гордееше со одлуката на неговата администрација тесно да соработува со Кина за маски, медицинска опрема и вакцини, пишува „Ослобоџење“. Па, така, овие изјави на српскиот претседател, според медиумот, наидоа на позитивни сигнали кај соседна БиХ, поради што населението веќе неколку месеци заминува во Србија на масовна имунизација.
Сигнали за надеж
Сепак, здравствените власти на Република Српска се надеваат дека наскоро ќе започнат соработка со Српскиот институт за јавно здравје, што ќе вклучува барање податоци за бројот на Босанците што се вакцинирале таму. Но портпаролката на здравствениот институт на Република Српска во Бања Лука, Милка Мрѓа, вели дека е „тотално непознато колку граѓани од Република Српска или од кантоните во БиХ биле вакцинирани во Србија“. Податоците за двојните босански и српски државјани „можат да бидат проблем“, признава институтот. Многу од вакцинираните во Србија не кажуваат од каде потекнуваат. Имено, двојните државјани можат едноставно да покажат српски пасош.
– Затоа нашата препорака до сите граѓани е да ги повикаат своите матични лекари по вакцинирањето во Србија и да донесат потврда за вакцинацијата, затоа што тогаш можеме да ја повлечеме базата на податоци од здравствените домови – вели Мрѓа, додавајќи дека тоа е единствениот начин да се открие бројот на босански граѓани вакцинирани надвор од Босна и Херцеговина. Инаку, официјалните лица на БиХ на 16 јуни јавно апелираа луѓето да го сторат токму тоа сѐ со цел државата да добие јасна слика и да направи единствен регистар на вакцинирани лица во земјата. Заклучно со 26 јуни, Босна забележа речиси 208.000 случаи на коронавирус и 9.700 починати.