Бугарската полиција уапси уште осум лица, кои се осомничени дека шпионирале во корист на странска држава. Осомничените биле уапсени во Софија и во уште други два града во земјата. Претходно беше уапсен и поранешниот пратеник Николај Малинов, кој е осомничен дека шпионирал за Русија и оти наводно давал информации за да го смени прозападниот курс на Бугарија.
Бугарското обвинителство тврди дека 50-годишниот Малинов, кој е лидер на Националното движење на русофили, работел за Рускиот институт за стратегиски студии, претежно воден од поранешни разузнавачи, како и за руската невладина организација „Двоглав орел“ од 2010 година.
– Николај Малинов е обвинет дека се ставил на располагање на странски организации и ги шпионирал – изјави бугарскиот заменик-јавен обвинител Иван Гешев.
Малинов набргу е ослободен со кауција, но не смее да ја напушти земјата. Обвинителството кај него пронашло документ на руски јазик, во кој се зборува за „неопходното геополитичко пренасочување на Бугарија“. Од Обвинителството наведуваат дека документот ги опишува плановите на Малинов да отвори веб-страница, телевизиски канали, влијателен институт и политичка партија, со помош на кои Бугарите ќе се поттикнат да формираат попозитивни ставови за Русија, врз основа на нивната заедничка словенечка традиција и православно христијанство.
Бугарскиот претседател Румен Радев порача дека обвинувањата против Малинов се многу сериозни, додавајќи дека се неопходни неоспорни докази дека тој и го направил тоа. Обвинувањата против Малинов следуваат по дипломатската караница меѓу Бугарија и Русија, поттикната од изложбата што руската амбасада во Софија ја отвори во минатата недела за да ја одбележи, како што се наведува, „75-годишнината од ослободувањето на Источна Европа од нацизмот“.