Велика Британија веќе со години има големи проблеми со албанските криминалци. Тие значително ги прошириле своите криминални активности, што ги направило најмоќен криминален синдикат на Островот, наведува „Блиц“.
Владеењето на албанската мафија на улиците низ Велика Британија придонело до уште поголемо насилство, убиства и други криминални случувања. Овие криминалци соработуваат со латиноамериканските картели, што придонело до експанзија на трговијата со дрога на светско ниво, а дрогата се движи и по копнени и по поморски тајни канали.
Во извештајот на „Скотланд јард“ се наведува дека албанскиот синдикат е како октопод – секој сегмент на криминални активности е разработен до совршенство, па, така, дрогата стигнува многу брзо до посакуваните локации.
Во организацијата владее законот на дадениот збор, а мафијашките работи често се на семејна основа, како оние во криминалните кругови во Италија.
Се напоменува дека албанската мафија своето дејствување го прикрива со легални бизниси, како што е увозот на автомобили, а најголем дел од профитот го испраќа назад во својата земја, каде што се губи трагата на парите.