Невладината организација „Амнести интернешнл“ (АИ) ја обвини Европската Унија дека е соучесник во насилството на хрватската полиција врз мигрантите.
Организацијата предупреди дека „пред вратите на ЕУ“, односно преку Хрватска и Босна и Херцеговина, се одвива „сериозна хуманитарна криза“.
Минатата година, околу 25.000 мигранти од Азија, Африка и од Блискиот Исток се обиделе да влезат во ЕУ од БиХ преку Хрватска. Една третина од овие мигранти тврдат дека биле изложени на насилство од страна на хрватската полиција, како тепање и заплена на лични документи, пари и телефони.
АИ предупредува дека полициската бруталност на хрватските власти оди на сметка и на самата Европска Унија, бидејќи таа „продолжува да алоцира значајни фондови за поддршка на граничната безбедност во Хрватска“.
– Европските влади не само што замижуваат пред бруталните напади на хрватската полиција, туку ги финансираат нејзините активности – стои во соопштението на „Амнести интернешнл“.
Откако беше затворена балканската маршрута преку Македонија и Србија, мигрантите и бегалците најчесто поминуваат преку БиХ. Минатата недела, босанскиот министер за внатрешни работи, Драган Мектиќ, предупреди дека очекува зголемување на бројот на мигрантите преку оваа маршрута.