Босна и Херцеговина
Во Босна и Херцеговина минатата година се родиле околу 26.000 бебиња, што е историски најнизок број на новородени во таа земја. Според статистичките податоци во БиХ, во 1996 година, првата повоена година, се родиле 46.594 бебиња, а пред почетокот на војната односно во 1990 година на свет дошле 67.000 деца. По 2000 година е регистриран драстичен пад на наталитетот, кога бројот на новородените лица во целата земја се намали на 39.563. Од таа година има сѐ помалку новородени, а само во Република Српска во изминатите години се раѓаат помалку од девет илјади деца.
Врз основа на оваа популациона статистика, демографот Стево Пашалиќ прогнозира дека во 2070 година во БиХ ќе има помалку од 1,7 милион жители. Моментално во земјата живеат 2.946.301 лице, а тоа е за неколку стотици илјади помалку во однос на пописот на населението спроведен пред десет години. Според официјалните податоци, БиХ тогаш имала 3,5 милиони жители, а се претпоставува дека тој број е „зголемен“ за околу 200 илјади, поради запишување и на луѓето што биле иселени во странство. Во меѓувреме бројот на починати е поголем од бројот на новородени, што ќе влијае на негативни демографски движења во наредните децении.
– Пред 70 години, односно во 1954 година се родиле 115.874 лица, а во 2022 година бројот на родени изнесувал 25.311. Бројот на починати во 1954 година бил 35.158, а во 2022 година изнесувал 39.665 – вели Пашалиќ.
Од 1948 година БиХ бележел постојат пораст на населението се до 1991 година. Потоа следуваат години на демографска и економска транзиција и стапките на природен прираст се намалуваат. Стапката на вкупниот фертилитет во подолг период изнесува до 1,3, што во период од 45 години ќе го преполови бројот на жители во земјата.
– Историски гледано, БиХ е емиграциска земја, бројот на жителите значително се намалува и сега има под три милиони. Проекциите се поразителни и за седумдесет години БиХ ќе биде во земјите со мала популација и со најбрз пад на бројот на жителите – вели демографот Стево Пашалиќ.
Подготвил: Митко Јовановски