Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград се сретна со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и специјалниот пратеник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој допатува во Белград по разговорите со официјални претставници во Приштина – јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ прво разговараше со Лајчак, а потоа им се придружил и Ескобар. По тие разговори не беа најавени обраќања до медиумите.
Претходно денеска на Инстаграм, Вучиќ ја праша меѓународната заедница и западните партнери „кој од шесте важни документи“ сакаат Србија да го почитува и наведе пет прво – Договорот од Куманово, Повелбата на ОН, Резолуцијата 1244, Бриселскиот договор и Вашингтонскиот договор, а потоа и Солунскиот документ за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан.
Лајчак и Ескобар дојдоа во Приштина и Белград во екот на зголемените тензии на северот на Косово, каде Србите поставија блокади на патиштата по апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ, а Белград најави дека ќе побара од мисијата КФОР одобрение за враќање на српските сили на Косово.
Вчера во Приштина Ескобар изјави дека САД „категорично ја отфрлаат и воопшто не ја поддржуваат“ можноста за враќање на српските сили на територијата на Косово. Тој рече дека не очекува тоа да се случи и оти Косово има „многу цврсти безбедносни гаранции од САД“.
-Очекуваме остварување на договорот за Заедницата на српските општини и напредок во прифаќањето на француско-германскиот план – изјави Ескобар по неговиот разговор со косовскиот премиер Албин Курти.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, во понеделникот рече дека Лајчак доаѓа во Приштина и Белград со ажуриран мировен план и дека ЕУ е подготвена да испрати засилување во мисијата на ЕУ на Косово (ЕУЛЕКС).
Во меѓувреме, лидерите на Косово денеска на церемонија во Приштина го потпишаа барањето на Косово за членство во ЕУ и најавија дека утре ќе и го предадат на Чешка како претседавач со ЕУ.