Србија побара Западен Балкан да биде изземен од забраната за увоз на руска нафта преку гасоводот Јанаф, но „тогаш нашите соседи се пофалија дека тие се заслужни што тоа не се случи“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, пристигнувајќи на самитот на Европската политичка заедница во Прага, јави дописникот на МИА од Белград.
– Имам информации дека оваа одлука е донесена многу порано, а ние баравме да се изземе Западен Балкан и во нацртот требаше да биде така. Тогаш нашите соседи се пофалија дека се заслужни за тоа што не дојде до изземање од таа норма за општо воведување санкции за увоз на руска нафта – рече Вучиќ.
Новите санкции против Русија се за трговија со нафта: Ќе има ли последици за Србија?
Тој истакна дека некои земји од ЕУ, како Бугарија и Унгарија, се изземени, додека Србија не е и дека „Хрватска само си ја вршеше својата работа, што го прави со децении“.
– Што се однесува до нас, во наредниот период ќе зборувам за длабински, стратешки важни и економски и политички далекусежни одлуки – рече претседателот на Србија, а како одговор на прашање на хрватските новинари „зошто ја обвинува Хрватска, а Србија не воведува санкции кон Русија“.
– А што се однесува до Хрватска, вие самите се пофаливте во вашите медиуми дека стоите зад тоа против Србија и ние ви честитаме за тоа – додаде тој.
Во меѓувреме, Европската унија ја одложи одлуката за можното изземање на Западен Балкан од забраната за увоз на руска нафта и ќе се врати на ова прашање пред да стапи на сила забраната, јавува РТС, повикувајќи се на изјавата на неименуван европски функционер во Брисел, кој е вклучен во подготовката на санкциите против Русија, јави дописникот на МИА од Белград.
Ќе треба да одлучиме дали Хрватска ќе може и понатаму да увезува руска нафта по морски пат, а потоа да ја испорача на други во Западен Балкан, беше кажано во Брисел, пренесува РТС.
Како што се наведува, европскиот функционер нагласил дека од гледна точка на ЕУ „пожелно е земјите кандидати да се усогласат со политиката на санкции, а дебатата ќе покаже како неусогласеноста на Србија ќе влијае на дерогацијата т.е. одлуката за изземање од забраната за руска нафта“.
Изворите наведуваат дека земјите-членки треба да одлучат дали Западен Балкан може да има „попривилегирана позиција“ од самите членки во однос на увозот на руска нафта, „имајќи предвид дека станува збор за трети земји кои ни се многу блиски“.