Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека нема да потпише помилувања или каква било аболиција за кривичното гонење на оние кои учествуваа во насилства.

Вучиќ додаде дека ќе има уште многу апсења поради нападите врз полицијата синоќа по протестот на студентите што блокираат факултети.
– Ова не е крај, лицата се идентификуваат, на тоа работи БИА – рече Вучиќ.

Вучиќ денеска изјави дека „најважно е што Србија победи“.
– Неа не можете да победите со насилства, таа не запре и нема да застане -изјави Вучиќ и најави инфраструктурни проекти, патишта и отворање железнички делници.
Според него, најавата „имате зелено светло“ на крајот од вчерашниот протест во Белград е директен повик за граѓански конфликти и напади врз полицијата.

– Ги повикувам надлежните обвинителства да си ја работат својата работа, да не се преправаат дека се неспособни и наивни. Доаѓа време на одговорност, почитувани граѓани – рече Вучиќ на прес-конференција.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека синоќа по протестот се приведени 77 лица, од кои 38 се задржани.
Меѓу приведените има и едно малолетно лице. Против 35 лица ќе бидат поднесени кривични пријави, а против 26 лица ќе биде поднесено барање за прекршочна постапка.
Во акцијата на полицијата повредени се 48 полицајци, изјави Дачиќ на прес-конференцијата.

– Еден припадник на полицијата има тешки телесни повреди на главата. Голем дел од заштитната опрема е уништена или оштетена – изјави Дачиќ на заедничката прес-конференција со српскиот претседател, Александар Вучиќ.