Бугарската социјалистичка партија утре ќе го врати мандатот за формирање влада, соопшти претседателот на пратеничката груупа на БСП, Георги Свиленски, додавајќи дека одговорноста за ваквата ситуација е на партиите ГЕРБ, ДПС, ИТН и на Вазраждане.
– Она што се случи денеска му покажа на бугарското општество кој е на која страна од оваа линија на поделба – народот и партиите кои сакаат да се борат против корупцијата и оние што сакаат да ја заштитат корупцијата – изјави Свиленски откога законодавната програма на БСП не влезе во неделната програма на Народното собрание.
– На сите ни стана јасно, а исто така и на бугарските граѓани, дека Вазраждане е патерица на ГЕРБ, а ИТН на ДПС. Стана јасно дека од првиот ден, кога ИТН објави желба за разговори, сè беше лицемерно однесување и никогаш немале намера Бугарија да има влада и работно мнозинство. Во оваа ситуација и според одлуката на Националниот совет на БСП, утре ќе му го вратиме мандатот на претседателот Радев како неисполнет – рече Свиленски, пренесе „БНР“.
На прашањето кога ќе бидат закажани парламентарните избори, Свиленски одговорот го упати до претседателот и до претседателската институција.