Хрватска
Во Хрватска од првиот ден во новата 2023 година се воведе еврото како платежно средство. Се прават паралели со „разделбата“ од југословенскиот динар, па се поставува прашањето дали со Европската централна банка (ЕЦБ) ќе оди подобро отколку со Белград. Искуството на другите земји во еврозоната зборува дека „Европската централна банка во голема мера добро функционира“ и дека ЕЦБ „ќе најде баланс меѓу интересите на големите, богатите и помалите, сиромашните земји во еврозоната“. Со Хрватска, еврозоната добива нова членка од „лесна економска категорија“. Но клучното прашање е како земјата чиј главен извор на приходи е туризмот може да биде конкурентна во еврозоната. Меѓу хрватските компании тешко да има некоја што би можела да игра во светската лига на бизнисот. Многу Хрвати одамна се простија од илузијата дека еврото може да гарантира благосостојба.
Кризите сѐ уште траат, но сепак, според многу економски аналитичари, кризите ќе се пребродат полесно заедно во еврозоната отколку сами, што е јасна предност во прилог на приклучувањето.
Но се чини промената на валутата нема да оди толку лесно. Социјалните мрежи се преполни со најразлични примери на голем број поскапувања по воведувањето на еврото, без разлика дали станува збор за продавници или разни услуги, како фризерски салони или такси за паркирање. Заедничко за повеќето поплаки е тоа што имало заокружување на определен број евра. На пример, ако нешто чинело 13 куни, можно е некој да го „заокружил“ на две евра, што е значително поскапо.
Премиерот Андреј Пленковиќ свика средба со надлежните министри и претставници на Даночната управа, Царинската управа и Државниот инспекторат во врска со понатамошните активности за заштита на потрошувачите од неоправдано поскапување.
– Воведувањето на еврото не е причина за зголемување на цените на стоките и услугите – рече Пленковиќ.
На средбата беше договорено министерот за економија Давор Филиповиќ да покани на состанок претставници од трговските синџири.
– Со претставници на малопродажните синџири разговаравме за постојаното зголемување на цените на храната и пијалаците и за претворањето на куната во евро. Малопродажните синџири ги зголемуваат цените месец за месец. И сега, во оваа ситуација со еврото, ги зголемуваат цените и се обидуваат да ги измамат граѓаните. Тоа нема да им успее. Им кажав денеска и им порачувам на сите што сакаат да ја користат конверзијата на сметка на граѓаните дека нема да успее – рече Филиповиќ.
Меѓу најпогодените со одлука за воведување на еврото секако се сопствениците на менувачници, на кои работата во голема мерка им се темели на менување куни во евра и друго. Откако од Нова година е воведено еврото, за голем број менувачници, од 1.080, колку што има регистрирано во Хрватска според податоците на Хрватската народна банка, настапуваат „тешки времиња“.
Повеќето сопственици на менувачници прогнозираат дека во Хрватска и понатаму може да работат пет до 10 отсто од менувачниците. Според податоците на ХНБ, во Хрватска сега има 1.080 овластени менувачници на кои централната банка им издала одобрение за извршување менувачки дејности, а заедно имаат околу 3.500 подружници што вработуваат повеќе од 10.000 луѓе. Од ХНБ наведуваат дека неколку десетици менувачници досега јавиле дека не планираат да продолжат да работат во 2023 година.
Малку оптимизам во јавноста пренесе словенечкиот економист проф. д-р Матеј Лаховник, кој посочи дека по воведувањето на еврото во Словенија платите се зголемиле, бидејќи економијата растела многу побрзо.
– Растот на платите ќе биде сигурен, пред сѐ ќе има поголема побарувачка за работници, а кога ви требаат повеќе работници, мора да ги платите. Платите во Словенија пораснаа бидејќи и економијата растеше многу побрзо поради воведувањето на еврото – објасни професорот Лаховник од Економскиот факултет на Универзитетот во Љубљана
По воведувањето на еврото, платите во Словенија пораснаа во просек за 48 отсто, во Словачка за 54 отсто , во Литванија за 59 отсто , во Летонија за 67 отсто, а во Естонија за 74 отсто.
Ангел Митревски специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска