Од 2016 година, кинеската бродска компанија „Коско“ е мнозински акционер во пристаништето Пиреја. Тоа значи дека главното грчко пристаниште, всушност, повеќе не е грчко. Приватизацијата доведе и до преземање на 14 грчки аеродроми, вклучувајќи го и оној во Солун, од страна на германската транспортна компанија „Фрапорт“. „Фрапорт“ сега може да одлучи кој аеродром треба да има корист од инвестициите, а кој не. А тоа значи дека грчката држава повеќе нема право на глас…
Дали приватизацијата и докапитализацијата на големите инфраструктурни „воздушни и водни пристаништа“ беа лекот за решавање на економските проблеми во Грција
Во Германија деновиве се одвива жестока дебата во врска со кинеската државна бродска компанија „Коско“, која купува малцински удел во терминал за контејнери на пристаништето во Хамбург. Грција, сепак, се чини дека нема таква загриженост. Од 2011 година, под притисок од должничката криза и од Големата тројка (Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд), грчката влада им ги продаде на странски компании речиси сите важни пристаништа и аеродроми во земјата. Атина потпиша договор со „Коско“ во 2016 година, што ѝ овозможи на кинеската компанија да обезбеди двотретинско мнозинско учество во пристаништето во Пиреја.
Досега, грчката влада се чини дека е задоволна од работата на „Коско“ на главното грчко пристаниште. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во февруари 2021 година, на првиот состанок на самитот на Кина со 17-те земји од Централна и Источна Европа, рече дека „кинеската инвестиција во Пиреја е корисна за двете земји“. Кинескиот претседател Си Џинпинг ја опиша инвестицијата на „Коско“ во Пиреја како „примерен проект“. Кинескиот претседател, кој лично го прегледа пристаништето во 2019 година, гледа на Пиреја како на важен центар за брзата копнено-морска врска на Кина со Европа и за поврзување меѓу Азија и Европа.
Кинезите навистина ја модернизираа Пиреја. Таа сега е најголемото пристаниште во источниот Медитеран и седмо по големина во Европа. Работните места се сигурни, а условите за работа се еднакви како во кое било друго место во Грција.
Центар за претовар за кинески производи
Откако „Коско“ ја купи Пиреја, бродовите на кинеската државна компанија го динамизираа носењето стоки во пристаништето. Сега тоа стана еден од најважните центри за претовар во Медитеранот. Тоа не е проблем за другите грчки пристаништа, бидејќи тие не се натпреваруваат со Пиреја. Сепак, тоа имаше влијание врз другите центри за претовар во југоисточниот Медитеран, кои станаа помалку важни.
Костас Хломудис, професор по поморски студии на Универзитетот во Пиреја, вели дека „ако немате визија или пари за сопствена национална пристанишна политика, тогаш постапувате на начин на кој морате“. Професорот објаснува дека моделот на вклученост на приватниот сектор во пристаништата што е забележан на други места во Европа нема допирни точки со оној во Грција. Повеќето земји од Европската Унија, како што тој изјави за јавноста, ќе ѝ доделат пристаниште на приватна компанија за одреден број години, а неколку конкурентски компании често ќе делат еден контејнерски терминал. Во Грција состојбата е сосема поинаква.
Пиреја не е Хамбург
Во Пиреја мнозинските акции во пристаништето му беа продадени на „Коско“. Неговите првични 51 отсто подоцна беа зголемени на 67 отсто. Затоа кинеската бродска компанија може да одлучува за иднината на пристаништето. „Коско“ ги контролира сите докови и сите терминали. Клучното пристаниште Александрополис во северна Грција исто така е пред приватизација. Во неговиот случај, САД се заинтересираната страна. Пристаништето е веќе главна точка за претовар на пратките на американско оружје. Хломудис е многу критичен кон овие приватизации, бидејќи, според него, тоа значи дека суштинската инфраструктура од значително геостратегиско значење за ЕУ завршува во рацете на трети земји.
Според професорот од Пиреја, потребни се јасни правила. Во договорите за концесија мора да бидат вклучени одредени услови за да се спречи загрозување на националната безбедност и безбедноста на ЕУ. Насоките за инфраструктура од геостратегиско значење треба да бидат исти низ ЕУ, вели тој, а истите насоки треба да важат и за пристаништата во Ротердам, Хамбург и Пиреја.
Приватизацијата како лек, но каква приватизација?
На почетокот на овој век, Европа имаше само еден магичен лек за решавање на економските проблеми, а тоа е приватизација на инфраструктурата. Сè беше на продажба: пристаништа, аеродроми, снабдување со вода и енергија. Тоа важеше и за Грција, која беше гладна за инвестиции. Кинезите први покажаа интерес за пристаништата во Пиреја и во Солун.
Во 2009 година, конзервативната влада на Костас Караманлис веќе можеше да му изнајми на „Коско“ дел од контејнерскиот терминал во пристаништето Пиреја. Потоа, во 2010 година, дојде кризата со државниот долг на Грција. Еден од условите за спас на грчката економија, како што го постави таканаречената голема тројка, беше продажбата на јавниот имот. Така, „Коско“ доби мнозински удел во пристаништето Пиреја, а се разбира Кинезите беа единствените што сакаа да инвестираат во тоа време и да направат уште еден исчекор по грандиозниот проект „Патот на свилата“.
Приватизацијата доведе и до преземање на 14 грчки аеродроми, вклучувајќи го и оној во Солун, од страна на германската транспортна компанија „Фрапорт“. „Фрапорт“ сега може да одлучи кој аеродром треба да има корист од инвестициите, а кој не.
Но тоа значи дека грчката држава повеќе нема право на збор.
Грција ја стопира продажбата на пристаништето Александрополис
Грција ја укина приватизацијата на своето северно пристаниште Александрополис и одлучи тоа да остане во државна сопственост, соопшти грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Според него, „геополитичките настани“ поттикнале преиспитување на договорот за продажба на мнозинскиот удел во објектот на приватни инвеститори.
Александрополис има потенцијал да стане енергетски центар за Централна Европа. Се наоѓа во Северна Грција, во близината на границите со Бугарија и Турција. Се планира создавање пловечки објект за складирање и регасификација на гас.
– Владата одлучи дека, во сегашните околности, Александрополис е од толку големо стратегиско, геополитичко и енергетско значење за нашата земја што треба да остане под јурисдикција на грчката јавност – рече Мицотакис.
Во септември, Грција доби две понуди за удел од 67 отсто од пристаништето.
Подготвил: Mарјан Велевски