Фото: Игор Бансколиев/илустрација

Се потврдуваат сознанијата на безбедносните служби дека во реката мигранти се кријат „безбедносно интересни лица“

Во деновите пред новата година еден настан на северот на Србија, или попрецизно, на подрачјето на Суботица, во Војводина, ги крена на нозе безбедносните служби, бидејќи се потврдија низата сомневања поврзани со реката бегалци што од Азија и од Африка го преплавуваат европскиот континент. Имено, уште со самиот почеток на бегалската криза голем број експерти од безбедносната сфера укажуваа дека во бескрајните колони бегалци што доаѓаат во Европа, многу лесно може да се инфилтрираат меѓународни терористи, лица обучени за специјални операции, но и криминалци, воопшто луѓе што можат да претставуваат сериозна закана за безбедноста во новата средина и дека поради тоа треба да се заострат контролите на сите пунктови каде што е можно тоа.
И токму кога спласна тензијата за ова прашање, или барем не беше толку нагласено присутна во јавноста, од Србија дојде алармантната вест дека меѓу 109 илегални мигранти, приведени во близината на Суботица, српската полиција открила авганистански армиски генерал и снајперист, по кои француските власти имаат распишано меѓународни потерници поради најтешки кривични дела и тероризам.
Покрај овие двајца, српското министерство за внатрешни работи пронашло уште 25 „безбедносно интересни лица“, против кои ќе бидат преземени законски мерки. За време на акцијата на специјалната полициска единица за борба против шверц на луѓе и илегални миграции, која била изведена на територијата на шумата Радановац во близината на српско-унгарската граница, била пронајдена автоматска пушка со две резервни рамки и муниција, како и помало количество марихуана. Од страна на српското министерство за внатрешни работи соопштија дека преостанатите мигранти, кои не претставуваат потенцијален безбедносен ризик, организирано ќе бидат префрлени во прифатилишта.

Малку подоцна медиумите ја лиферуваа изјавата на шефот на српската гранична полиција, Миле Јандриќ, дека меѓу уапсените се генералот Мер Хамзу, командант на бригадата „313 Бадри“, кого Франција го бара поради вмешаност во неколку терористички акти, како и Хашим Абдул Басир, познат и како Капетан, кој е поранешен снајперист на авганистанската армија и еден од челните луѓе на шверцерската организација „313“.
Шефот на српската гранична полиција, Миле Јандриќ, за јавноста изјави дека било особено тешко да се следи оваа група бидејќи дејствувала како воена формација.
– Со оглед на тоа дека се воени лица, имаат организација, имаат стража околу кампот. Сите пукотници што се случија претходно биле за поделба на територијата меѓу двете групи Авганистанци. Тие имаат армиски симболи и самите се воен персонал. Тие две такви групи беа во Србија. Во моментот кога утврдивме дека се присутни во Србија, веднаш донесовме одлука да се примени поинаква методологија. Едната група беше уапсена во акции пред три недели, а другата вчера. Таа работа ќе продолжи. Внатре во шумата имаше камп на групата „313“. Вклучивме дронови и жива сила. Во моментот кога собравме информации почнавме да ја спроведуваме задачата – објасни Јандриќ на последниот ден од 2022 година и додаде дека за сите нив Србија е попатна станица.
Јандриќ откри и дека уапсениот генерал во својата придружба имал тројца телохранители и дека е утврдено дека оваа група се занимавала со различни форми на криминал, вклучувајќи и продажба на оружје и наркотици.

– За разлика од другите криминални групи, менталитетот на овие луѓе е различен, тие се воено обучени, а со тоа и поопасни – рече Јандриќ.
Поради зачестените инциденти, полицијата спроведува периодични засилени контроли во однос на илегалните миграции на северот на Војводина, каде што во шумите и напуштените фарми (салаши) мигрантите се собираат со намера да преминат во Унгарија.
Последниот инцидент на крајот на ноември во градот Хоргош на северот на Бачка имаше елементи на оружен судир, во кој потешко беше повреден еден 20-годишен мигрант. Во акцијата што следуваше беа приведени околу 600 мигранти, а беше пронајдено и автоматско оружје.
Хоргош е погранично место со голем број околни салаши во кои, како што пренесуваат медиумите на унгарски јазик во Војводина, илјадници мигранти наоѓаат свое засолниште додека чекаат да преминат илегално низ српско-унгарската граница.
На почетокот на јули се случи оружена пресметка меѓу мигрантите во населбата Макова Седмица кај Суботица, која исто така се наоѓа покрај границата со Унгарија. Во текот на конфликтот едно лице беше убиено, а голем број лица беа ранети.


Експерт за борба против меѓународен тероризам: Групата организирано испраќала платеници во Украина

За Џевад Галијашевиќ, експерт за борба против меѓународниот тероризам, нема дилема дека станува збор за група што организирано испраќала платеници во Украина.
– САД обучија повеќе од 300.000 авганистански војници, кои, всушност, беа нивна продолжена рака на Блискиот Исток. Досега околу 100.000 авганистански војници заминале на украинското бојно поле, а нивниот транспорт се покажа како многу профитабилен бизнис што се одвива со премолчен договор или организација на Западот. Уапсениот авганистански генерал ги поминал сите обуки и „филтри“ на американската обука и без сомнение не ги прекинал контактите со своите патрони. Наивно е да се верува дека тој слепо ја водел операцијата, без одреден тип координација со американските тајни служби – нагласува Галијашевиќ и предупредува дека унгарските безбедносни служби треба да ги интензивираат своите активности бидејќи слични групи постојат и на нивната страна од границата.
– Важно е да се утврди кои биле сите нивни соработници и од српската и од унгарската страна на границата и кои се нивните стратегиски и тактички цели, бидејќи не би ја исклучил можноста за планирање одредени терористички акции на почвата на Србија или на Унгарија – предупредува Галијашевиќ.
Џевад Галијашевиќ вели дека со апсењето група авганистански војници на границата со Суботица, српските безбедносни служби ќе започнат сеопфатна истрага.
– Граничната полиција со оваа проблематика се занимава само при излегување или влегување во државата, но овде е нејасно како внесувале оружје, опрема, наркотици. Нејасно е и како успеале да поминат низ цела Србија, дали има коридор низ кој се движат и кој им помага во тоа – вели Галијашевиќ.
Галијашевиќ истакнува дека со избувнувањето на војната во Украина, мигрантскиот бран бил искористен за да можат поранешните припадници на Исламската држава „да добијат нова работа“.
– Западот очигледно сака да ги искористи терористичките „ресурси“ од Блискиот и Далечниот Исток, да ги пресели на најважното за нив бојно поле во моментов, а тоа е Украина – прецизира експертот за борба против меѓународниот тероризам Галијашевиќ.