Бугарија

Бугарија е ставена на сивата листа на земји што подлежат на засилен мониторинг од страна на Работната група за финансиска акција, ФАТФ (Financial Action Task Force). Државите на сивата листа имаат „стратегиски недостатоци“ во нивните напори да се спротивстават на перењето пари и на финансирањето на тероризмот, но соработуваат со ФАТФ за да ги надминат проблемите.
Со тоа, Бугарија им се придружи на 22 други држави на листата, додека четири држави беа отстранети од листата.
Истовремено, потпретседателката на албанската влада и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку објави дека Албанија „ја напуштила сивата листа за перење пари“, што е потврдено во извештај на работната група за финансиска акција. Според неа, борбата за спречување на перењето пари и на финансирањето на тероризмот е и била во фокусот на албанската влада и ќе остане една од главните определби во соработка со стратегиските партнери.
Балуку наведува дека оваа одлука носи зајакнување на Албанија на меѓународната сцена, создавање поволни услови за понатамошни странски инвестиции, намалување на трошоците за националниот долг и консолидација на трговската размена.
Одлуката ја поздрави и државниот главен обвинител Олсијан Чела, оценувајќи дека тоа е „плод и суштински придонес од стратегијата за борба против овој феномен, подготвена од Јавното обвинителство во 2020 година“.
Повеќе од 200 земји и територии се обврзаа дека ќе ги спроведат препораките на ФАТФ за борба против перењето пари, финансирањето на тероризмот и ширењето на оружјето.
ФАТФ има и црна листа на која се наоѓаат држави со висок ризик.