БиХ посочена како извор на безбедносни закани поврзани со верски екстремизам
- Упатените во состојбите во БиХ велат дека величањето на радикалниот ислам се совпаѓа и со политичката клима во земјата, каде што има тензии помеѓу политичките претставници од различни ентитети
Два инцидента во изминатите десетина дена ги вознемирија и Босна и регионот на Балканот. Имено, во БиХ, во Унско-санскиот кантон во Босна и Херцеговина, беа регистрирани настани со верско-радикален предзнак, при што заедничко во двата случаја е што демонстрациите на насилни поведенија биле проследени со повиците „Алаху акбар“.
Што точно се случило?
Поранешни војници на армијата на БиХ извикувале „Алаху акбар“ во Босански Петровац, а само неколку дена подоцна исламист од Бихаќ малтретирал одредено немуслиманско семејство со истиот извик пред куќата каде што тоа живее. Локалната полиција поднела кривична пријава против исламистот, чии профили на социјалните мрежи се исполнети со фотографии од негови радикални истомисленици.
Упатените во состојбите во БиХ велат дека величањето на радикалниот ислам се совпаѓа и со политичката клима во земјата, каде што има тензии помеѓу политичките претставници од различни ентитети.
Присутност на радикални исламистички движења и организации
Безбедносниот експерт Слободан Жупљанин вели дека е општо познато дека во Федерацијата на БиХ дејствуваат радикални исламистички движења, кои честопати прибегнуваат кон планирање и спроведување терористички акции во земјата и во странство. Тој истакна „дека во последните децении, секој терористички напад во Европа и светот бил поврзан со исламистички движења во Босна и Херцеговина“.
– Ова ја става БиХ на самиот врв на листата на земји што претставуваат безбедносна закана за мирот и стабилноста во светот – вели Жупљанин, додавајќи дека попустливиот однос на институциите претставува охрабрување за уште порадикално дејствување на тамошните исламистички движења.
Експертот за борба против радикалниот ислам, Џевад Галијашевиќ, пак, смета дека бошњачкото општество е „исламистички радикализирано и дека некои негови делови се интегрирани во одредени терористички организации“. Тој укажува дека во Босна и Херцеговина има 100 вахабистички населби и десетици паралелни конгрегации.
– Во Босна и Херцеговина, 10.000 луѓе поминуваат низ безбедносните евиденции како извор на терористичка закана – тврди Галијашевиќ.
Во околината на Бихаќ и центар за воена обука на џихадисти?
Безбедносниот експерт истакнува дека радикалниот ислам и вахабистите имаат силно упориште во Бихаќ и поширокиот регион околу овој град, уште од крајот на војната во 90-тите години на минатиот век. Се спомнува дека околу Бихаќ има заедници на радикалните исламисти, таканаречени „параџемати“, кои собираат млади Бошњаци со цел да ги радикализираат.
– Во областа на Бихаќ се одржуваат и вахабистички воени вежби, но тие ги нарекуваат собири – објаснува Галијашевиќ.
Тој го посочува убиството на полицаец во близината на Бихаќ од страна на вахабист, во контекст на присутната радикализација во БиХ.
– Значи, минатата година имавме и убиство на полицаец во Босанска Крупа, недалеку од Бихаќ, каде што убиецот беше млад вахабист обучен во логори за радикални исламисти – потенцира Галијашевиќ. Р.С.