Србија

Со кревање на знамињата на виножитото, пред палатата „Србија“, официјално започна манифестацијата „Европрајд 2022“, која до недела ќе се одржува во Белград, кој е годинашен домаќин на паневропскиот настан. Како што изјавија организаторите на настанот, за првпат настанот се одржува пред палатата „Србија“, бидејќи не им е дозволено пред градското собрание.
Годинешниот „Европрајд 2022“ се одржува и покрај противењето на власта и масовните протести против неговото одржување. Покрај организаторите на „Европрајд“, како што јавува „Нова.рс“, на настанот присуствуваат и повеќе дипломати, меѓу кои и американскиот амбасадор Кристофер Хил, како и еврокомесарката за еднаквост Бранкица Јанковиќ. Меѓу другите, присутни се и неколку противници на Парадата на гордоста, кои дојдоа да го изразат своето незадоволство од прошетката, но атмосферата, како што јави медиумот, беше ослободена од тензии.
Со традиционалната прошетка на „Европрајд“, закажана за 17 септември во 17 часот од пред Народното собрание, ќе се заокружи годинашниот меѓународен настан. Сепак, како што јави „Данас“, маршрутата на прошетката ќе биде променета од безбедносни причини. Сè уште не се знае по кои улици ќе пешачат учесниците на протестната прошетка в сабота, но, како што јавува медиумот, јавноста за тоа наскоро ќе биде информирана.
„Европрајд“ е паневропски ЛГБТИ+настан, кој се одржува секоја година во различен град во Европа. Според организаторите на настанот, белградскиот „Европрајд“ ќе биде историски затоа што првпат се одржува во некоја земја од Западен Балкан и воопшто во овој дел од Европа.
Досега овој настан привлече големо внимание во јавноста, откако српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека настанот ќе биде откажан од безбедносни причини. И покрај одлуката за неодржување на „Европрајд“, организаторите на настанот најавија негово одржување, нарекувајќи ја одлуката на властите противуставна.
Сепак, српскиот претседател на 10 септември по состанокот на Советот за национална безбедност најави дека одлуката за „Европрајд“ ќе ја донесе Министерството за внатрешни работи „96 часа пред собирот“.
Во неделата, во главниот град на Србија, илјадници граѓани по вторпат маршираа против одржување на „Европрајд“. Во обраќањето до присутните, патријархот на СПЦ, Порфириј, рече дека Бог утврдил што е природно, а што неприродно. Тој изрази противење на „Европрајд“, велејќи дека иако се против одржувањето на овој настан, сепак, тие не водат „крстоносна војна“ со припадниците на ЛГБТК+заедницата.