Полицијата и спасувачите кои први пристигнале на местото на трагичната железничка несреќа во Грција се соочиле со кошмарни глетки, пишуваат медиумите во соседството.
На местото први пристигнале еден млад полицаец и неговите колеги, откако неколку минути по несреќата биле информирани за судирот. Судирот на возот се случил во 23.21 часот по локално време, а тој на местото на настанот пристигнал 10 минути подоцна.
– Многу од сликите што ги видов не сакам да ги споделам јавно. Сцената беше драматична. Видовме херои и ангели. Се соочивме со многу херои, се сеќавам на едно 20-годишно момче кое остана да ги ослободи заробените луѓе и успеа. Спаси 10 луѓе и продолжи да се обидува – изјави младиот полицаец за телевизијата „Алфа“.
Најмалку 57 лица, повеќето млади, загинаа во страшниот судир на два воза ноќта меѓу вторникот и средата во близина на Лариса, Грција.