Србија
Младиот човек чие тело завчера беше пронајдено во Дунав е Матеј Периш. Според белградските медиуми, кои детално известуваа за целиот случај изминативе речиси пет месеци, ДНК-анализата докажала дека станува збор за исчезнатиот граѓанин на Сплит. Причината за смртта е давење, покажала обдукцијата.
Претходно, претставници на загрепската полиција пристигнаа во Белград и со српските колеги разменија оперативни податоци од истрагата.
Матеј Периш се бараше од последниот ден на декември минатата година, а познавачите на Дунав рекоа дека е можно телото самото да излегло на површината на водата, бидејќи температурите сега веќе се повисоки, а истовремено во Белград дувал силен ветер, па сето тоа го изместило од локацијата каде што било заглавено. Луѓето што добро ги познаваат околностите на Дунав претпоставуваат дека телото се заглавило под Панчевскиот мост и затоа нуркачите не можеле да го најдат бидејќи во тие услови можат да ја пребаруваат реката само со допир.
Инаку, неговото тело беше извлечено од морнари завчераутро, околу 9 часот и 30 минути. Телото на младиот човек го пронашол капетанот на брод, Милован Зеленовиќ, на местото наречено Ада Хуја, а ДНК-анализата ја нареди Вишото јавно обвинителство во Белград.
– Одевме по палубата и видовме како водата носи тело. Ветерот го донесе, пливаше низводно по Дунав. Околу 9 часот, пристигна полицијата. Телото беше во фаза на распаѓање, едно момче што помина провери на интернет и виде дека е облечен исто како Матеј Периш. Имаше една бела патика и црна маица – рече Зеленовиќ.
Таткото на Матеј, Ненад Периш, веднаш по дознавањето на веста, во неколку наврати стави до знаење дека починатиот помлад маж, најверојатно, е неговиот син.
Матеј исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември. Истрчал од клубот „Готик“, трчал низ белградските улици, се обидел да запре такси, а потоа, како што може да се види на снимката од надзорната камера на ресторанот „Саванова“, се спуштил по скалите кон Сава. Но не се гледа дека влегол во вода.
Потоа почна голема потрага, а српската полиција со недели вршеше увид во Сава и во Дунав. Истрагата беше проследена со голем број шпекулации, но и теории на заговор.