Фото: ЕПА

Официјална Анкара формално побарала да се приклучи кон групата земји од организацијата БРИКС, бидејќи нејзините западни сојузници долго време ја игнорираат и не ја третираат како рамноправен сојузник

На Анкара ѝ е преку глава повеќедецениското одбивање на Брисел да соработува со неа

Реномираниот медиум „Блумберг“ објави дека „Турција ќе биде првата членка на НАТО што побарала членство во економскиот блок БРИКС“. Имено, Анкара формално побарала да се приклучи кон групата земји со пазари во подем, бидејќи гледа настрана од нејзините традиционални западни сојузници.

Реџеп Таип Ердоган: Мораме да ги развиваме односите со други организации

– Турција може да стане силна, просперитетна, престижна и ефикасна земја доколку ги подобри односите со Истокот и Западот истовремено. Секој друг метод, освен овој нема да ѝ користи на Турција туку ќе ѝ наштети – изјави изминатиов викенд турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Истанбул.
Тој ја нагласи и потребата за диверзификација на односите на Турција со меѓународните организации.
– Не мораме да избираме меѓу Европската Унија и Шангајската организација за соработка како што тврдат некои луѓе. Напротив, ние мораме да ги развиваме нашите односи и со овие и со другите организации на победничка основа – додаде Ердоган.
Поранешен турски дипломат изјави за американски „Њузвик“ дека потегот е поттикнат од „акумулираните фрустрации“ во Анкара со Западот и Европската Унија.
– Ова не е стратегијата на Анкара да го замени Западот, туку е стратегија за зајакнување на односите со незападните сили во време кога хегемонијата на САД опаѓа – рече Синан Улген, шеф на аналитичкиот центар ЕДАМ со седиште во Истанбул.

Анкара верува дека „геополитичкиот центар на гравитацијата“ се оддалечува од досегашните најразвиени економии

Именувана според членките Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, групата БРИКС вклучува земји што не се наведени во акронимот, како што се Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Етиопија и Египет, кои се приклучија на почетокот на годинава. Овој блок се смета за алтернатива на глобалната сцена на групата Г7 предводена од САД.
Цитирајќи неименувани извори, „Блумберг“ објави дека администрацијата на Ердоган верува дека „геополитичкиот центар на гравитација“ се оддалечува од најразвиените економии.
Овој потег, исто така, ги покажува целите на Анкара „да негува врски со сите страни во мултиполарниот свет“, додека сè уште ги исполнува своите обврски како клучна членка на НАТО, се додава во известувањето.
„Блумберг“ посочи дека Анкара поднела барање за членство во БРИКС пред неколку месеци поради фрустрација од застојот во нејзиниот обид за пристап во Европската Унија, чие членство го бара со децении.
– Еден двигател на ваквиот потег е стремежот за зголемена стратегиска автономија. Билатералните односи со САД исто така беа проблематични. Овој тип фрустрации ја мотивираа турската влада да се движи во оваа насока. Во Анкара постои верување дека тоа може да се направи без плаќање политичка цена што би била поврзана со ова престројување – изјави Синан Улген, шеф на аналитичкиот центар ЕДАМ со седиште во Истанбул, за „Њузвик“. Р.С.