Откако хакерите од иранската група „Татковинска правда“ презедоа одговорноста и за кибернападот од петокот врз системот ТИМС на албанските гранични премини, денеска за „Топ чанел“ најавиле објавување податоци од нападнатите системи.
– Стапивме во контакт со оваа група хакери, кои предупредија дека секоја недела ќе продолжат со објавување на податоците добиени од албанските системи. Не само тоа, туку податоците добиени од е-Албанија ги ставија на продажба, каде што гигабајт информации се продава за 0,05 биткоини – јави телевизијата.
Хакерите исто така навеле дека податоците добиени од ТИМС системот ги продале и на „некои луѓе во Албанија и оти за тоа знае Владата“.
– Тие предупредуваат дека многу брзо ќе објават податоци кои ќе ѝ направат проблеми на албанската Влада – додава „Топ чанел“.
По првите кибернапади на 15 јули врз владините и други државни системи медиумите објавија дека хакерите побарале од Владата 70 милиони долари за да не објавуваат од податоците, но премиерот Еди Рама демантираше.